Пишува: ЏЕЈНИША ПАТЕЛ / Project Syndicate
Неодамнешната смрт на лидерот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, и на неколку од неговите главни полковници во авионската несреќа северно од Москва веројатно ќе има далекусежни последици за Африка, каде што приватната милитантна компанија има воспоставено значително присуство во последните години. Патем, ако рускиот претседател Владимир Путин е одговорен за смртта на Пригожин, како што многумина се сомневаат, африканските лидери кои своето политичко богатство го имаат врзано за Вагнер мора да се запрашаат колку се сега сигурни ветувањата што им ги дал Пригожин.
Воените врски помеѓу Кремљ, Вагнер и африканските влади отсекогаш биле обвиени во несигурност. Но, смртта на Пригожин и коосновачот на Вагнер, Дмитриј Уткин, наводно оркестрирана од Путин како казна за краткотрајниот бунт на Пригожин во јуни, ги зголеми ризиците со кои се соочуваат оние африкански лидери кои се потпираа на платеничката војска на Вагнер за да ја зајакнат својата контрола на власта.
Суданскиот воен лидер Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, е таков пример. Хемедти, командантот на парламентарната група Сили за брза поддршка (Rapid Support Forces RSF), помина години негувајќи однос со Пригожин. Но, сега откако Пригожин е мртов, а иднината на Вагнер несигурна, снабдувањето оружје за Силите за брза поддршка најверојатно ќе биде нарушено, што потенцијално може да ја промени рамнотежата на моќ помеѓу Силите за брза поддршка и суданските воени сили. Оваа промена доаѓа во несигурно време за Хемедти, чиј обид да ја води земјата се чини дека попушта.
Партнерството со Вагнер, секогаш ризичен предлог, сега е полно со уште поголема опасност. Со пучеви што избувнуваат од Нигер до Габон, африканските влади или бунтовничките групи кои размислуваат за сојуз со Вагнер, не можат да сметаат на вообичаениот бизнис. Без пристапот на Пригожин до ресурсите на Кремљ, Вагнер речиси сигурно ќе стане обична сенка на своето поранешно јас.
Пригожин, кој наводно бил во Африка неколку денови пред неговата смрт, беше движечката сила зад вагнеровите африкански активности. Неговиот уникатен карактер, односот со африканските лидери и контролата врз комерцијалните канали беа клучни за растечкото влијание на неговите паравојски. Да се најде наследник кој би можел да ги испорача истите резултати ќе биде огромен (можеби невозможен) предизвик, што потенцијално може да ги попречи вагнеровите операции низ континентот.
Колку што војниците на Вагнер веруваат дека Путин го наредил убиството на нивниот лидер, толку не би било мудро тој да очекува нивна континуирана приврзаност, особено од единиците на Вагнер далеку од дофатот на Кремљ. А, доколку Вагнер се најде под команда на руското Министерство за одбрана, што се чини дека е целта на Путин, нејзината трансформација од приватна милитантна група во државен чинител, веројатно би ја ограничила нејзината оперативна флексибилност и тактиа.
Освен тоа, одржувањето на дисциплината, хиерархијата заснована на заслуги и системот за наградување управуван од мисијата, што Пригожин ги воведе, може да се покажат како предизвикувачки. Додека Пригожин знаеше да го сподели пленот од вагнеровите африкански потфати со неговите луѓе, таквата великодушност не е типично поврзана со руското Министерство за одбрана.
Потоа, тука е клучното прашање за оперативната автономија. Пригожин им веруваше на неговите команданти, делегирајќи им моќ за донесување на одлуки за операции на терен, пракса која што Кремљ традиционално ја осудуваше. Веќе претпазливи за независноста на Вагнер, Министерството за одбрана тешко дека ќе го усвои децентрализираниот модел на Пригожин, што беше клучен фактор за немилосрдната ефикасност на групата во Африка.
Многу команданти биле со Пригожин од почетокот на Вагнер. На пример, главниот командант на групата во Мали, Иван Маслов, работи речиси како независен извршен директор, што е пример за оперативниот пристап на Вагнер низ регионот. Останува да се види дали Министерството за одбрана може да ја обезбеди лојалноста на овие искусни офицери, без кои Вагнер веројатно ќе ја изгуби својата конкурентска предност.
Со оглед на длабоката недоверба меѓу Вагнер и рускиот воен естаблишмент, многу платеници би можеле да ја напуштат групата. Некои можеби ќе се приклучат на други недржавни милитанти групи, приватни милитантни компании или криминални организации, додека други можеби директно ќе им служат на африканските лидери со кои имаат изградено односи, како што веќе некои имаат сторено во Централноафриканска Република. Ваквите поместувања, може дополнително да ги дестабилизираат некои од најкревките земји во светот, зголемувајќи го ризикот од регионални превирања.
Неизбежната класификација на Вагнер како терористичка група од страна на Соединетите Држави и Обединетото Кралство, заедно со стратегијата раздели па владеј на Путин, исто така, би можело да предизвика групата да се раздели. Платеничката компанија Редут, предводена од најголемиот противник на Пригожин, министерот за одбрана Сергеј Шојгу, најверојатно ќе се бори за контрола на дел од операциите на Вагнер на континентот.
Но, на Редут му недостасуваат неопходното културно разбирање, воспоставените односи и искуството на терен. Така што, дури и Шојгу да успее да преземе дел или сите африкански позиции на Вагнер, Редут мора да се бори да ги задржи истите.
Африканските лидери кои се потпираа на Вагнер и слични платенички групи (и оние кои размислуваат за такви партнерства) мора да го искористат овој момент за да повторно ја проценат својата стратегија. Усогласувањето со групи како Вагнер, карактеризирани со внатрешни судири, застрашувачки записи за човековите права и неизвесни иднини, во најдобар случај претставува опасен избор.
За да се спротивстават на милитантни групи како што е Вагнер, западните земји мора да направат повеќе за да го пополнат безбедносниот вакум што ваквите групи го користат. Но, иако се неопходни воени мерки за борба против исламистичките бунтови кои го пустошат Сахел, траен мир може да се постигне само со поттикнување на човечкиот развој и зајакнување на отпорноста на заедницата. Поддршката за економскиот и општествениот напредок ќе биде клучна за протерувањето на Вагнер и на нејзиниот вид.
Смртта на Пригожин им обезбедува на западните земји единствена можност да градат посилни безбедносни врски со африканските влади. Како што опаѓа влијанието на Вагнер, Африка и Западот мора да ја искористат оваа шанса да изградат иднина која ќе се карактеризира со безбедност и одржлив мир.
Џејниша Пател е политички аналитичар при Институтот Тони Блер.
Превод: Наташа Цветковска