Општина Струмица заедно со бугарската Петрич ќе аплицира за добивање на неповратно финансиски средства од отворениот повик за инвестициски проекти од „Интерег“, ИПА програмата, меѓу нашата држава и Бугарија, за уредување на новиот парк во населбата „Карпош“.
На денешната вонредна седница, Советот на Општината донесе едногласна одлука за изработка и спроведување на проектот „Зелен пулс во прекуграничниот регион“ во рамки на програмата „Позелен пограничен регион“.
Со овој проект ќе се уредува паркот во населбата „Карпош“ со површина од 12.717 метри квадратни кое опфаќа подготовка на земјата, поставување на систем за наводнување, засадување на садници, поплочување на зони за движење на посетители, уредување на зони за рекреација, инсталација на опрема за декоративно и парково осветлување, поставување на клупи и друга урбана опрема.
Доколку проектот биде прифатен, Општина Струмица ќе добие околу 500 илјади евра за подигнување на новиот парк.