Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските. Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз, објави на Инстаграм, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска по повод Европскиот ден на јазиците.
Таа истакнува дека со македонскиот јазик со Европа ги сооделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети.
View this post on Instagram
„На македонски, како еден од европските јазици, се преведени Шекспир, Кафка, Сервантес, Бодлер, Гете и останатите европски класици и современи големци на литературата. Така македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство“, вели Костадиновска Стојчевска.
Министерката нагласува „денешниот, Европски ден на јазиците нека биде уште еден поттик да порачаме до сите граѓани да ги учат и почитуваат јазиците за да ги пренесуваат љубовта и разбирањето меѓу народите“.