Американскиот кинематографер Анастас Мичос на работилницата „Вкус на шампањ со буџет за пиво“што се одржа во Битола истакна дека во својата досегашна кариера работел на филмови кои чинат 100 илјади долари, како и на филмови кои тежеле милиони долари.
Пред аудиториумот на ИФФК „Браќа Манаки“, кинематограферот Мичос, презентираше и кинески фенер, со чија помош снимал филмски сцени.
-Ова е една од моите омилени алатки. Тоа е фенер кој е многу едноставен, може било каде да се носи. Користен е за прекрасни филмови во последниве години. Не се работи за тоа колку скапа опрема имаш, туку што можеш да направиш со она што ти е достапно и на располагање. Првото нешто што јас го правам, е она што е речиси бесплатно, посочи Мичос.
На работилницата во Битола, Мичос прикажа неколку сцени од различни филмови, објаснувајќи какво светло користел во текот на снимањето.
Анастас Мичос е активен член на Американското здружение на кинематографери, на грчкото друштво на кинематографери, како и на Академијата за филмски уметности и науки.