Доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, се би било поинаку, и во однос на цените и во однос на агро секторот. Би имала пристап до заедничките пазари и би имала повеќе можности, оцени денеска германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир.
Како што истакна Оздемир, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, зголемувањето на инфлацијата не е поврзано со внатрешната политика на некоја земја, туку е резултат, пред се, на војната во Украина која доведе до зголемени трошоци и поскапување на енергијата.
Тој повтори дека Германија има јасна определба и сака колку што е можно побрзо Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.
-Во однос на стапката на инфлација, навистина има пад во Германија, но таа е се уште висока и не е вратена во состојбата како што била пред војната. Сето ова е поврзано со руската агресија врз Украина. Тоа доведе до зголемени трошоци, енергијата поскапе и се тоа имаше влијание и врз инфлацијата. Значи, тоа не е нешто што е поврзано со внатрешната политика, туку, меѓу другото, и со војната во Украина. Од заеднички интерес е оваа војна да заврши и не само Украина да може да врати дел од својот територијален интегритет, тоа не е добро само за луѓето во Украина, туку со надеж дека сето тоа ќе може да влијае и врз инфлацијата и ќе се овозможи намалување, односно стабилност на цените. Во однос на цената и на она што го кажувате, би било многу поинаку доколку земјата има пристап и е дел од заедничките пазари на ЕУ и би било многу поинаку доколку земјата стане полноправна земја членка на ЕУ, тогаш и за земјоделството би било многу подобро, би имала пристап до тие пазари и би имала повеќе можности, но се разбира дека има актери кои навистина не го сакаат тоа и кои сметаат дека тоа не е во нивен интерес исто како и Русија – не би сакала земјата да се движи по овој пат, во правец на ЕУ. Додека СР Германија има јасна определба и таа сака колку што е можно побрзо Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, рече Оздемир.
Тој и неговиот македонски колега Николовски имаа билатерална средба, по која заминаа на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) каде треба да се обратат на првиот академски час. Планирано е двајцата министри да присуствуваат и на средбата на деканите и продеканите од Асоцијацијата на факултетите за земјоделските науки од Југоисточна Европа што ќе се одржи на ФЗНХ.