Излезе новата книга на универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, „Белешки за македонскиот конституционализам – концепт на Уставот од 1991“, во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Може да се каже дека ова е книга на која се чекаше 30-тина години. Книга која Фрчкоски, како пишувач на Уставот од 1991, на некој начин, ѝ ја должеше на стручната, политичка и интелектуална јавност во Македонија“, велат од ЦИВИЛ.
Оваа мала, но исклучително густа материја, концентрирана на 70-тина страници, ги открива концептите кои го инспирираа и на кои се засноваше пишувањето на Уставот од 1991 и истовремено ја чуваат, така да се каже, тајната на неговата жилава долговечност за приликите на Македонската транзиција.
Во Македонија, како што вели авторот, се изменија сите нормативни рамки и закони, буквално сè.
„Единствен акт кој концепциски и чија правна архитектура не се промени (и покрај осум амандмански измени) е Уставот“, вели проф. Фрчкоски и заклучува дека нема друг акт кој „почесно“, појасно и подобро им служел на своите граѓани и државата од Уставот од 1991 година.
„Како и секогаш со неговите текстови Фрчкоски остава без здив со интелектуалната сила и аргументацијата на тезите кои ги брани. Уживајте!“, пишува на задната корица од оваа книга.
Книгата е објавена во печатена форма, но може да се чита и онлајн, на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
БЕЛЕШКИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ КОНСТИТУЦИОНАЛИЗАМ
КОНЦЕПТ НА УСТАВОТ ОД 1991