Викендов во Скопје се одржа “Ai Tech Summit” – прв настан од ваков вид, каде свое излагање имаа повеќе од 20 говорници од целиот свет, реномирани експерти во оваа индустрија, кои ги споделија своите искуства и достигнувања во полето на вештачката интелегенција (ВИ). На самитот имаше говорници од водечките светски комании како Microsoft, Google, Spotify, BBC, Boston Consulting Group, Wipro, Universal Robots и др.
М6 Едукативен центар, како дел од својата мисија да биде чекор напред во едукацијата, професионалниот и личниот развој се вклучи како ко-организатор на настанот заедно со TBM Group од Прага.
Во фокусот на самитот беа најновите трендови на полето на технологијата и вештачката интелигенција и нивниот потенцијал за трансформација на различни индустрии и општествени сфери. Се дискутираше за теми како етичките импликации на вештачката интелигенција, влијанието на ВИ врз финансискиот сектор и врз производството, а во рамки на самитот говорниците зборуваа и на темите посветени на значењето на податоците за развој на вештачката интелигенција, на ко-еволуцијата на вештачката интелегенција со човештвото, како и на револуцијата што ВИ ја создава во правната индустрија.
Главните заклучоци од самитот се фокусираат на правилното користење на вештачката интелегенција за подобрување на квалитетот на живот и работа на поединците и општеството како целина, но и на потребата од прилагодување на сетот на вештини на индивидуално и организациско ниво за правилно да се искористи потенцијалот кој новите технологии го овозможуваат.
Во оваа насока M6 Едукативен центар веќе подготви специјализирана обука “AI for managers and executives” во соработка со Центарот за Вештачка Интелегенција од Шведска, која ќе се одржува онлајн и ќе ги покрие главните елементи за правилната употреба на ВИ во различни индустрии, нејзиното имплементирање во различни организации и употреба при решавање на бизнис проблеми.