Златно Грло
Секој понеделник учениците во основните училиштa во Аеродром ќе мора наредини како војници во строј и во училишна униформа да ја пејат македонската химна, одлучи градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст. Не може нашите македонски чеда да растат со хитовите како што е бугарската песна „Васко жабата“ или српската „Жена од султана“ а да не си ја знаат химната. Ќе почнеме со изведба на химната секој понеделник сè додека дечињата не ги научат нашите македонски патриотски песни како што се: „Нешто ќе те питам бабо“, „Проклети да се предавниците“, „Оган да ги гори“, „Едно име имаме“ и други, вели нашиот извор.
Тој додава дека одлична можност за децата уште од мали нозе да станат патриоти и да ги научат песните на памет е посетата на музичкиот патриотски караван кој го предводи пироманот Ламбе Алабаковски.
„Злонамерните ќе кажат дека патриотскиот караван „Македонијо во срце те носиме“ е вмровски проект и дека тоа е контра-кампања на владината кампања „НИЕ СМЕ ЕВРОПА“. Тоа дека на партиските митинзи, упс, на партиотскиот караван се појавуваат само вмровци со се нивните деца кои секогаш се напред на првиот ред со кренати три прста (вардарска, пиринска и егејска) е само случајност, вели тој.
Анонимниот извор вели дека во партијата се води жестока битка децата да не ја пејат „Песната за Никола Груевски“ и оти забрзано се компонира нова песна за „војводата Мицкоски“.
Се додека партиските членови не се одлучат која песна ќе се пее во општините каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се донесе одлука учениците да настапуваат со неутрална песна „Друже Тито ми ти се кунемо“.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
Извор: ЦивилМедиа