Почнува четиридневен „Есенски базар“ во „Скопје Сити Мол“ на кој ќе учествуваат 24 индивидуалци „artisans“ – уметници. Базарот е поддршка за рачната изработка на уникатни производи и на него, од денеска до недела, ќе бидат претставени филиграни, органска козметика, рачно изработен накит, керамички дизајн и друго.
-На базарот, учество ќе земат модерни брендови, кои нудат широка палета производи, уметници, кои не се плашат да експериментираат и храбро да конципираат и компонираат иновативен накит од керамика, во сутаж техника, од епоксидна смола и полимерна глина. Сребрен накит изработен во традиционална филигранска техника, но со нетрадиционален дизајн, современ, модерен и елегантен. Преку овие дела, уметниците ги раскажуваат своите приказни, на современ и концептуален начин, низ моделирање на наративите од инспиративното секојдневие, велат организаторите.
На базарот, дел од занаетчиите ќе се претстават и со аксесоари изработени од кожа, рачни везови, модерни шапки и еколошки восочни обвивки од памук и пчелин восок за повеќекратна употреба, како и природни и вегански козметички производи за нега и убавина на целото тело.