Пишува: СЛАВОЈ ЖИЖЕК
Реакциите по нападите на Хамас на 7 октомври, се необично ригидни, штом се спомне потребата за разбирање на околностите во кои се случија – израелската окупација на Западниот брег и челичниот обрач околу Појасот Газа, одговорот што преовладува е обвинувањето дека на тој начин се поддржува или се оправдува тероризмот на Хамас. Дали сме свесни за бизарноста на оваа забрана? Ова го сметам за морална катастрофа.
Под „разбирање на околностите“ не мислам на онаа будалаштина што се претставува како длабока мудрост: „Непријателот е некој чија приказна се уште не сте ја слушнале“. Дали сме спремни да речеме дека и Хитлер бил непријател само затоа што не сме ја слушнале неговата приказна? Не ли е случајот тоа дека што повеќе знам за, и го „разбирам“ Хитлер, дотолку повеќе тој ми е непријател? Да не спомнам за фактот дека приказните што ги раскажуваме самите на себе, не се вистински – по правило се лаги, произведени да ги оправдуваат ужасите кои всушност им ги правиме на другите. Вистината е таму некаде, во она што навистина го правиме. Во сите случаи на етничко чистење, секој агресор се претставува како жртва која реагира на агресија. Кога Јоав Галант, израелскиот министер за одбрана, рече дека Израел се бори против „човечките животни“, ја изгуби својата човечност.
Исмаил Хание, лидерот на Хамас, кој удобно живее во Катар, на денот на нападите рече: „За вас имаме само една порака: Надвор од нашата земја. Тргнете ни се од очите… Оваа земја е наша, Ал Кудс ( Ерусалим) е наш, се (овде) е наше… За вас нема ниту место, ниту безбедност“.
Јасно и одвратно. Но, зарем Израелската влада не рече нешто слично за Палестинците во Газа, иако помалку брутално: Еве го првиот од официјалните „основни принципи“ на актуелната израелска влада: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право на сите делови на земјата Израел. Владата го промовира и развива населување на сите делови на земјата Израел – Галилеја, Негев, Голан и Јудеја, и Самарија.“ Или, како што изјави Бенјамин Нетанијаху, израелскиот премиер, „Израел не е држава на своите граѓани, туку на еврејскиот народ, и само нивна“.
Со таков „принцип“, вграден во националниот закон, како може Израел да им замери на Палестинците за тоа што не сакаат да преговараат? Зарем овој „принцип“, не исклучува озбилни преговори? Дали овој „принцип“ не исклучува сериозни преговори? Зарем тоа не им остава на Палестинците ништо друго, освен опцијата за насилен отпор? Државата Израел никогаш не им понуди на Палестинците надеж ,или позитивна визија за нивно место во општеството, строго ги третира како проблем што треба да се реши со сила и закон.
Кој е тогаш крив за можноста за друга Накба? Дали треба да се обвинат израелските одбранбени сили (ИДФ), или нивните тајни служби? Документарниот филм The Gatekeepers (2012), на режисерот Дрор Морех се состои од разговор со шестмина шефови на израелската внатрешна безбедносна агенција Шин Бет, кои предупредуваат за тоа колку политичарите можат да бидат опасни. По интервјуто со шефовите на Шин Бет, Морех изјави дека Нетанијаху го смета за „голема пречка по егзистенцијата на државата Израел“.
Еве што рече тој: „Во нивните очи видов колку нашите лидери всушност не сакаат да го решат овој проблем. Немаат смелост, спремност, волја, храброст, се што ни треба од еден лидер. Не ги обвинувам само израелските лидери – мислам дека Палестинците страдаат од истата ужасна болест. Верувам дека она што Аба Ебан го рече за Палестинците кои никогаш не ја пропуштаат можноста да пропуштат можност, важи и за двете страни.“ Така е и со ИДФ: сетете се на осудата на оние кои одбија да служат на Западниот Брег. Она што се случува во Израел со последната влада на Нетанјаху, е политички процес во својата најчиста форма, дел од светската националистичко-фундаменталистичка борба, популизам кој се врти дури и против правната држава.
Симон Визентал, преживеан од холокаустот, во 1989 година напиша: „Постојаната победничка држава Израел не може вечно да се потпира на сочувството кон „жртвите“. Артур Кеслер, голем антикомунистички конвертит, го кажа истото на друг начин: „Ако моќта расипува, важи и обратното; прогонството ги корумпира жртвите, иако можеби на посуптилни и потрагични начини“.
Ова важи за двете страни во војната што е во тек. Првата генерација на израелски лидери отворено призна дека нивните претензии кон земјата на Палестина, не можат да се засноваат на универзалната правда, и дека во доцните 1940 и 1950 години, тоа била обична војна помеѓу две групи, без изгледи за посредување. Давид Бен Гурион, првиот премиер на Израел, напиша: „Сите се свесни за сериозноста на проблемот во односите меѓу Арапите и Евреите. Но, никој не гледа дека нема решение за овие проблеми. Нема решение! Меѓу нас има бездна и ништо не може да ги поврзе двете страни… Ние како народ сакаме оваа земја да биде наша; Арапите како народ сакаат оваа земја да биде нивна“.
Група Палестинци од Газа ја преминаа границата на 29 април, 1956 година, за да ја ограбат жетвата на полињата на кибуцот Нахал Оз. Еден млад еврејски член на кибуцот, кој патролирал по полињата, Рои, се упати кон нив на својот коњ, мавтајќи со стап за да ги избрка. Палестинците го фатиле и го однеле во Појасот Газа. Кога ОН го вратиле, неговото тело било осакатено.
Моше Дајан, тогашниот началник на генералштабот на ИДФ, одржа посмртен говор на погребот следниот ден: „Да не ги обвинуваме денеска убијците. Каков аргумент имаме против нивната смртна омраза кон нас? Последните осум години живеат во бегалски кампови во Газа, додека ние, пред нивни очи, ја претвораме во наше наследство земјата и селата во кои некогаш живееле нивните предци. Вината за смртта на Рои не треба да ја бараме кај Арапите во Газа, туку кај нас. Како се случи да сме толку слепи, да одбиваме директно да погледнеме во нашата судбина и да ја видиме судбината на нашата генерација во сета нејзина бруталност. Заборавивме ли дека оваа група млади луѓе кои живеат во Нахал Оз го носат товарот на портите на Газа на своите плеќи?“
Можеме ли денес да замислиме слична изјава? Погледнете колку сме оддалечени од состојбите од пред пар децении, кога се зборувало за договорот „земја за мир“, за дво-државно решение, кога и оние, денеска најлојални поддржувачи вршеле притисок на Израел да не гради населби на Западниот Брег? Израел во 1994 година изгради ѕид што го одвојуваше Западниот брег од Израел, каков што бил пред шест-дневната војна во 1967, со што го призна Западниот брег како посебен ентитет.
Сиот тој напредок, колку и да е ограничен, сега е избришан. Европа мора повторно да го најде својот глас, наместо само да се приклучи на глобалното негодување. Таа тоа го може, затоа што тоа можела да го прави со децении, секогаш подготвена да ја согледа сложеноста на ситуацијата и да ги сослуша сите страни. Би било штета оваа улога да им се остави на Путин и Кина.
Oригинален извор: The NEW STATESMEN
Превод од хрватски : Д. Тахири
Преземено: Цивил Медиа