Вооружените сили на САД синоќа нападнаа две локации во источна Сирија што ги користеа Корпусот на гардата на Исламската револуција и групи поврзани со Иран како одговор на „континуираните напади“ против американските војници во Ирак и Сирија, јави ДПА.
– Нападите погодија центар за обука во Абу Камал и скривалиште во Мајадин во источната провинција Деир ез-Зор, нагласи американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во соопштение.
САД извршија слични напади врз цели во источна Сирија во октомври и претходно во ноември. Во последниве недели, проирански групи ги засилија нападите врз американските воени бази во Сирија и Ирак како одговор на воената кампања на Израел во Газа. Безбедносната ситуација во целиот регион е особено тензична од 7 октомври, кога борците на Хамас извршија смртоносни напади во јужниот дел на Израел, наведува ДПА.
Израел одговори со моќна воздушна и копнена офанзива во Газа.