Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски учествува на вториот меѓународен саем за храна, вино и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој од денеска до 18 ноември се одржува во Белград.
За разлика од минатата година кога на овој саем како држава се претставивме со 45 изложувачи, оваа година имаме скоро дуплиран број на изложувачи, или вкупно 74 македонски винарии и дестилерии со своите производи се презентираат на вториот по ред вински саем на Отворен Балкан.
„Ова е вистинска промоција на културолошките и идентитетските обележја, традиции и обичаи, како и поттик за домашната економија што значи поголем извоз, откуп и нови пласмани за македонските производи.
Македонското вино е нешто со што се гордееме. Најдобар промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг за нашата земја. Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој.
Имаме можност пред бројните посетители, вински познавачи и екперти од целиот свет, да го промовираме нашето убаво македонско вино и да отвориме нови можности и нови пазари за нашето вино“, истакна Николовски.