Петнаесет-метарскиот крст во манастирскиот комплекс „Свет Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка, Тетово, ги зовре политичките страсти меѓу Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) и Движењето БЕСА.
Двете партии меѓусебно се обвинуваат дека петнаесет-метарскиот крст во Рекреативниот спортски центар „Попова Шапка“ бил поставен во координација со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Дали поставувањето на овој крст е нешто претходно договорено меѓу Беса на Билал Касами и ВМРО-ДПМНЕ, услуга чувана во тајност од граѓаните за помошта што ВМРО ѝ ја понуди на Беса на локалните избори за општина Тетово? Не-реакцијата на општината и тенденцијата сето ова да помине во молк, доволно говори за договорот меѓу ВМРО и Беса. Но, тетовчани не молчат, нема да молчиме ниту против овој скандалозен пазар! Групата советници на ДУИ во општина Тетово веќе побараа појаснување по ова прашање од првиот човек на општина Тетово, се вели во соопштението на ДУИ.
Според Движењето Беса, ДУИ ги направила сите активности за поставување на крстот на „Попова Шапка“. Според нив, сега ДУИ вината сакаат да ја префрлат на Движењето БЕСА.
– Исто како да им ја префрлаат вината на Албанците кога ги тепаа учениците по автобуси, за случајот „Алфа“, за случајот „Монструм“ и многу други случаи. Замислете, ДУИ ја договори целата активност, координирајќи се со Груевски, планирајќи ја со Вучиќ и спроведувајќи ја со Заев и Ковачевски. ДУИ смета дека граѓаните забораваат дека таа заедно со ВМРО-ДПМНЕ владееше десет години, каде заедно го планираа проектот „Скопје 2014“, поминувајќи ги сите рамнини и ридови на Северна Македонија и откако реализираа некои од овие сценарија и со СДСМ- сакаат вината да ја префрли на Движењето БЕСА! Ние како Движење БЕСА со највисока одговорност изјавуваме дека немаме никаква врска со поставувањето на крстот и нема да прифатиме поставување на крстот во „Попова Шапка“. ДУИ треба да даде отчет, какви други планови имате со Груевски и Вучиќ? Играта е откриена и јасно е дека „проститутката ни продава морал“, се вели во реакцијата на Движењето Беса.
Од црковниот одбор при манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка информираат дека крстот е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.
„Крстот не е поставен на државен имот. Крстот е поставен на црковно земјиште, како верско обележје и претставува урбана опрема“, изјави Богосав Божиновски, член на црковниот одбор.
Од Општина Тетово изјавија дека општинските инспектори биле на терен за да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка, според која ќе бидат преземени законски мерки за гарантирање на целосно спроведување на правилата и процедурите.
– Општина Тетово сака да даде појаснување околу поставениот крст на Попова Шапка. Истиот е поставен без соодветна дозвола. Општина Тетово во овој случај ќе ги почитува сите законски процедури, како што тоа го правеше и досега, се вели во соопштението на Општина Тетово.
Исламската верска заедница во Северна Македонија се спротивставува на поставувањето на крстот и велијќи дека со ова би се поттикнале меѓуетничка и меѓуверска напнатост во земјава.
– Исламската верска заедница на РСМ е изненадена од појавата на крстот на „Попова Ѓапка“ – Тетово, па затоа го сфаќа како чин со лоша намера, кој предизвикува меѓуверска и меѓунационална напнатост. Верските објекти се потреба на верниците. Со изградбата на џамијата и црквата порано беа задоволени потребите на христијанските и муслиманските верници. Оттука, секој верски објект што е подига, за да покаже супериорност, или како провокација, навистина не ѝ служи на главната цел кон – Бога, се вели во реакцијата на ИВЗ.
Во врска со 15-метарскиот крст на Попова Шапка се огласи и претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Тој преку Фејсбук повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.
– На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот, прашува Сотировски.
Овој случај уште еднаш ја потврдува тезата за злоупотреба на религиите за политички цели. Пред извесно време во аналитичка статија со наслов: Во име на религијата, во „лов“ по гласови, „Фронтлајн“ ја анализираше оваа појава и заклучи дека за изборни придобивки – гласови, одредени политички партии ги злоупотребуваат и верските чувства на верниците.
Дестан Јонузи