Граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, а тие кои имаат симптоми да се јават на телефонските броеви на здравствени служби.
Дел од препораките опфаќаат задолжително и често миење на рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете…
Засега единствена заразена со коронавирус е веќе хоспитализираната пациентка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која со комбе допатува од Милано во државава. Таа се чувствува добро, и според лекарите, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, веќе влегува во фаза на оздравување.
Во соба за изолација во Општата болница во Струмица од вчера е возачот на комбето со кое допатува од Италија заразената, а кој сам пријавил дека има симптоми на кашлица и болки во градите.
– Земени се материјали за анализа и тие во следните часови ќе бидат изработени во лабораторија во Скопје, по што ќе ја информираме јавноста. Тој бил сам дома, немал контакти ниту со семејството и сам ја контактираше нашата служба. Кога ќе стигнат резултатите ќе одлучиме каде ќе се лекува. Доколку резултатот е негативен ќе продолжи да се лекува во Инфективното одделение таму, не во изолација, а доколку е позитивен ќе се префрли во Инфективната клиника во Скопје, истакна Филипче.