Доколку станува збор за сериозни и одговорни политичари, обврската која сме ја презеле како држава за да го продолжиме европскиот пат мора да се заврши, смета професорката по политички науки д-р Ана Чупеска во утринското гостување на „Слободен печат“.
„Ќе се случат уставни, сега некогаш или никогаш!? Ние веќе ги почнавме преговорите со првата меѓувладина конференција и сега кога дојде редот за втората ние сме си дале автогол како држава, меѓутоа мора да биде јасно дека обврската е преземена од Собранието. Преговарачката рамка е прифатена, измените се подготвени и ставени во процедура, но опозицијата е таа која го закочи процесот на преговарање со ЕУ. Во меѓувреме заврши и скринингот многу успешно, и сега сме во ситуација која е навистина загрижувачка, особено кога слушнавме дека некои земји одат напред а за нас постои опцијата да останеме тука засекогаш, а тоа е лоша опција во смисла на целосна изолираност од која може да произлезе инклузија, од инклузијата може да излезат и други проблеми кои не сакам да ги размислувам како сценарио“, вели Чупеска.
Професорката смета дека доколку ова не се спроведе отпосле може да стигнат многу подраматични барања.
„Но она што останува како факт е обврската да се доврши процесот. Имајќи предвид дека преземавме обврска да ја завршиме Преговарачката рамка, односно да ги спроведеме уставните измени. Што значи која и да е следна Влада ќе мора да го заврши тоа. Стои како обврска, и ќе мора да се заврши тоа се разбира ако зборуваме за одговорни политичари, ако се шалабајзери нема да мора но тоа се големи ризици“, кажа професорката.
Чупеска нема објаснување зошто опозицијата го прави ова блокирање на процесот.