Пишува: ВАЛЕНТИН НЕШОВСКИ
Во незапирлив галоп од западот и од истокот, со исукани сабји и отворени лаптопи, доаѓаат коњаниците на Кастер и на Сан Цу. Ќе нѐ убијат или ќе нѐ спасат со Вештачката Интелигенција (ВИ), прашање е сега?
Сѐ некако ми се чини дека немаме сфатено до каде е развојот на ВИ и воопшто технологијата.
Па еве: Вештачката интелигенција за неколку секунди во моментов може:
– Да разговара со вас и да ве информира за сите теми на било кој јазик во светот, вклучувајќи го македонскиот (признат е од Вештачката)
– Од пред една седмица ВИ може да слуша, зборува и гледа. (Chat GPT 4)
– Да ви напише песна на пример за Караџица, во стилот на Лорка или Коневски или Шопов (види слики)
– Да ви напише било каков текст на било која тема во било кој стил за било каква потреба
– Да монтира фотореалистична слика од било што на пример – направи ми слика масло на платно од Алберт Ајнштајн (види слики)
– Да направи видео од што сакате на пример задача – направи ми видео од волк како стои на планина и завива на месечината и притоа да менува стилови, позадини, бои… за неколку секунди
– Да ви направи сиже од пребарувања на интернет на било која тема. Да направи резиме од текст од 1.000 страници на 1 страница
– Да создаде нова песна или албум со стихови, гитари, бас, бубњеви или било кој друг инструмент. Suno.ai. Задача – напиши ми песна во стилот на хип –хоп, класика, рокенрол, за Караџица, да има соло гитара во неа – за неколку минути имате песна
– Да ви даде предлози за тоа каде да инвестирате
– Да направи цртан филм
– Да ставите музика и да ви направи видео кое се движи во ритамот на музиката
– Да ставите фотка од реалниот свет и да ви направи 3-Д видео од објектот. Задача- направи ми 3-Д слика од мојот автомобил
– …
И така… има над 20 бесплатни платформи.
За сето ова и повеќе пишував во мојата книга „Последната мисла во универзумот“ пред една година. Сместено во приказна која го предвидува развојот на светот до 5.000 година. Ама за СИ-ФИ и за иднината не се чита кај нас, ми рече еден уредник од „најголемата“ издавачка куќа овде.
А во меѓувреме, светската јавност наголемо расправа дали ВИ, која веќе има коефициент на интелигенција од 180 (како и Алберт Ајнштајн) и што ќе правиме кога за неколку години ќе биде поинтелигентна од нас барем 1.000 пати (Mo Gowdat, поранешен бизнис шеф на Гугл). Дали ќе одлучи дека човештвото е штетник и ќе ја уништи планетата и ќе нѐ згази како мравки (велат повеќемина како Mo, Geoffrey Hinton) или ќе создаде благодат (ќе го најде лекот за рак, други болести, ќе овозможи сѐ за сите – abundance of products, климатските промени… (Sam Altman – Open AI, донекаде Elon Musk (Tesla, X), Ilya Sutskever (Open AI), Yann LeCun, Meta).
Сепак, сите се загрижени и сите мислат дека ВИ има најголема дисруптивна моќ досега во историјата на човештвото, но тераат напред. И истражуваат, бараат решенија за можните негативни страни.
Се разбира, сето ова, додека ние се расправаме за елката и сѐ уште сме на патот за ЕУ. Зошто? Бидејќи некој, што никогаш не прочитал ништо, ниедна книга за тоа што е тоа идентитет, лаже дека тоа ќе ни го сменел идентитетот. Еве мојот нема да биде сменет – ќе бидам последниот Македонец во универзумот. Или вештачката ќе ми го смени, попрво ќе нѐ убие сите…
Едно е сигурно, веќе е меѓу нас, на Гугл, на социјалните медиуми на Мета и на X, бара и спречува ботови, спречува говор на омраза, собира податоци… Ginie is out of the bottle. Дали е добар или лош овој џин не знаеме. И тоа зависи од нас.