Со цел да се надминат проблемите со полагањето на квалификацискиот тест, Министерството за правда иницираше измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, информираат од Министерството за правда.
Оттаму велат дека Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена.
„Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди. Имено, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите“, соопштуваат од Министерството за правда.
Како што прецизираат, решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РСМ бр. 67/22“).