Директорот Стефан Богоев во емисијата Македонија наутро на МРТ1 посочи дека со Меморандумот за признавање на белешките од мерење на царинските терминали, т.н. кантарски белешки помеѓу Македонија и Србија, од први февруари македонските компании кои увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш, а со тоа ќе заштедат и време и пари.
Богоев истакна дека потврдата од српска царина за мерењето ќе важи и кај нас, а нашата ќе важи и на нивна страна.
На пример, доколку македонска компанија извезува во земји од Европска Унија, камионот се мери на излез од Македонија, на граничен премин Табановце, потоа на влез во Србија не се мери. Камионот транзитира низ Србија, стигнува на српско-хрватска или српско-унгарска граница, повторно на излез од Србија не се мери, туку се мери при влез во Хрватска или Унгарија, во зависност од земјата кон која патува.
Во 2023 година имаме 30% раст на бројот на заплени и 60% раст на бројот на поднесени кривични пријави во споредба со 2022 година. Откривачката дејност и заплените се рефлектираат врз приходите во Царинската управа, што значи повеќе пари во државниот буџет за модерна инфраструктура, нови градинки и училишта, повеќе пари за повисоки плати и пензии.