„Капиталните дотации до единиците на локална самоуправа се ставка која ја актуелизиравме минатата година. Од кога постои Министерството за култура таа не изнесувала повеќе од еден милион денари. Минатата година инвестиравме 40 милиони денари во општини каде градоначалниците покажаа дека имаат свест и треба да инвестираат во културата“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на конференцијата „Година на европски можности“.
Таа додаде дека се реализирале инвестиции во Кратово, Крушево, Валандово, Кривогаштани и Делчево, општини каде што никогаш претходно не се реализирале вакви капитални дотации.
„За 2024 година таа ставка е 50 милиони денари и целта е секоја наредна година да изнесува што е можно повеќе, бидејќи секој има право да посети театар, да слуша концерт, секој има право да биде изложен на култура и да секој има право да ужива во убавините што културата ги пружа“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката додаде дека со ваквите дотации се покажува дека културата треба да биде присутна во секој град, а не само во Скопје.