За штетноста на дезинформациите, особено оние кои доаѓаат во земјава од надвор, „Полиграф“ разговараше со Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, организација која има интензивни активности за справување со дезинформациите и странските малигни влијанија.
Полиграф: Кога сме тука кај дезинформациите, на кои теми најмногу среќаваме дезинформации?
Дерала: Може да се каже дека ние на сите теми имаме дезинформации, бидејќи една од целите на дезинформациите, во рамките на хибридните закани или во рамките на пропагандата кои ја вршат одредени центри на моќ, дали во земјата дали од надвор, е да ја разнишаат довербата меѓу луѓето. Значи, да предизвикаат поларизација, омраза меѓу луѓето, недоверба, тензии и исто така недоверба на луѓето во институциите, во тоа што го зборуваат институциите, во тоа што го зборуваат медиумите, во тоа што го зборуваат научните установи, образовните установи…Значи, што е можно повеќе дезинформации за да може да се разгради, да се уништи довербата кај луѓето и тие да почнат да се делат меѓу себе.
Може да биде било кое прашање, меѓутоа, кога се внесува некоја поларизирачка содржина, таа содржина потоа им служи на пропагандите цели или на другите. Тоа, се разбира, во политиката има најмногу дезинформации. Во моментов во нашата земја во тек се жестоки пропагандни активности и дезинформациски наративи кои доаѓаат во врска со војната агресија на Русија против Украина. Се разбира, исто така во регионот, косовско – српските односи се извор на пропаганда и дезинформации, кои потоа прават поларизација, поделба и тензии меѓу луѓето.
Полиграф: Како што и кажавте, повеќе време ја следите состојбата со руската агресија врз Украина. Кои би биле вашите наоди за овие странски влијанија и дезинформации коишто доаѓаат кај нас?
Дерала: Странските влијанија, руското малигно влијание во Македонија доаѓа директно, меѓутоа и преки прокси центри, пред се преку Србија. Во Србија имате преку 200 медиуми кои се директни дистрибутери на руските пропагандни наративи кои се преземаат многу лесно од македонските медиуми и, се разбира, и други медиуми во регионот.
Тие наративи кои ги гледаме, кои доаѓаат од Кремљ, од Москва, најлесно е да се видат во медиумите. Меѓутоа, малку помалку лесно, но сепак видливо, е и нивното влијание преку други канали во земјата. Преку политичките партии дејствуваат, знаете, имате и политички партии кои отворено стојат на руска страна, меѓутоа и политички партии кои негираат дека стојат на руска страна а велат дека се про-европски, меѓутоа всушност работат против евроатланските интеграции на земјата. Понатаму, вие имате многу силно влијание која е диктирано од Кремљ и преку бизнисот, образованието, културата, а се разбира, и преку верските заедници. Ние силно влијание гледаме и преку црквата, кое доаѓа токму од Москва и кое влијае многу деструктивно.
Меѓутоа, како што кажав, во медиумите и на социјалните мрежи е највидливо, најлесно се следи и може да се категоризира во малигно влијание, односно влијание кое е штетно и деструктивно.
Интервјуираше: Ера Ѓакова
Извор: СМК