„До 2019 година во летните месеци мај-јуни-јули сме стигнувале до 25-26 илјади патни исправи месечно за производство. Во 2023 година се сменети скоро 600 илјади пасоши, значи на месечно ниво се менувале околу 50 илјади документи“ рече ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека не е точно дека немало обрасци за пасошите и запраша како се издадени еден милион и 300 илјади пасоши ако немало обрасци.
„50 илјади обрасци пристигнаа на денот кога си заминав од Министерството, вчера се пристигнати 20 илјади, спроед моите информации, а за неколку дена ќе пристигнат уште 200 илјади. Тоа е динамиката врз основа на проценките направени од управувачкиот комитет“ рече Спасовски.
Поранешниот министер кажа дека во 2021 година биле променети околу 120 илјади пасоши со новото име, додека таа бројка во 2023 пораснала на 560 илјади.