Организаторите на годинешниот ОФФест ги објавија првите три имиња што го потврдија настапот на Фестивалот: Најголемиот фламенко гитарист Vicente Amigo, „KUTU“ и „BCUC“.
Легендарниот шпански гитарист и композитор Vicente Amigo. Со веќе долга кариера за себе, две „Греми“ награди и култна музичка репутација, за прв пат ќе гостува во Скопје, промовирајќи го својот нов албум.
Настапот на Vicente Amigo и неговата група е закажан за 8 јуни.
Уште една светска музичка сензација го потврди своето учество на ФФест. Станува збор за француско-етиописката група KUTU, предводена од реномираниот француски џез-виолинист Théo Ceccaldi и атрактивната етиописка пејачка Hewan Gebrewold. Нивната музика се опишува како поетска, космичка и духовна фузија на етиописките ритми и раскошните импровизации, што резултира со своевиден електро-мистичен етио-транс.
Нивниот настап во Скопје е закажан за 7 јуни.
Јужноафриканскиот состав BCUC е првото големо име на музиката на светот што го потврди својот настап на претстојниот ОФФест. Возбудата е дотолку поголема што токму оваа седумчлена екипа од Совето, Јоханесбург, е актуелен добитник на специјалната награда за животно дело (Artist Award) на минатиот WOMEX. И последниве години – водечка музичка атракција во светот. Bantu Continua Uhuru Consciousness или скратено BCUC ќе настапат во Скопје на 6 јуни, на првата вечер на ОФФест.
Годинешниот ОФФест ќе се одржи од 6ти до 9ти јуни во Скопје.
Ј. Ѓ.