Пратениците попладнево го разгледаа Предлог-законот за основање медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, во прво читање. Гласањето по овој Предлог, како што рече потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, ќе биде дополнително закажано.
Основање медицински факултет во Битола предлагаат четворица пратеници од СДСМ, Ненад Коциќ, Миле Талевски, Бети Рабаџиевска Наумовска и Жаклина Лазаревска. Како што образложи Коциќ, има потреба од ваква високо-образовна установа, посебно во овој дел од земјава, најмногу заради задржување на кадарот, но и за негово напредување и усовршување.
ВМРО-ДПМНЕ е против овој Предлог-закон и смета дека воопшто нема услови за отворање медицински факултет во рамки на Битолскиот универзитет.
-Согласно Предлог-законот, медициснкиот факултет ќе врши високообразовна дејност: додипломски и постдипломски студии, специјализации и субспецијализации, докторски студии, како и научно-истражувачка и применувачка дејност од научните полиња на медицината. Ќе има отсеци: општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа, а наставни бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид и Специјална болница за нефрологија Струга, рече Коциќ.
Според него, покрај трите постоечки медицински факултети, во Скопје, Штип и Тетово, и овој факултет во Битола ќе придонесе за лојална конкуренција и позитивен ефект во однос на стручноста и создавањето професионален кадар. Бенефит ќе има, додаде Коциќ, и од економски аспект.
Законот предвидува медицинскиот факултет да почне со работа од академската 2024/2025година.