Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не знам дали приметувате еден неверојатен феномен (го читам тоа низ коментарите на Фејсбук): симпатизерите, следбениците и (не)легитимните наследници на слични и на кои-какви револуции најмногу љубат, кога правта и пепелта од превратничкото џилитење и боксирање малку ќе слегне, па потоа настапи неизбежниот период на „разочарување“ – совршено природна работа, би рекол, нешто како „посткоитус синдром“ – па почнуваат да се расправаат околу тоа дали „револуцијата ги јаде своите деца“ или, пак, своите деца ја закопуваат својата „постреволуционерна Мајка“ (во секој случај се работи за една врста на „дегенеративен канибализам“!).
Со други зборови, револуцијата сама по себе е прилично непријатна работа, а кога ќе ги видиш нејзините деца – господ да те чува и брани! Ама што тоа е бре едно размазано и распекмезено детиште, мајко мила! Само знае да се дере ако нешто не му удоволиш… Што велеше еден локален пекинезер: таа окупација ајде некако, ама ова денешно ослободување – пу, пу, скраја било…
Погледајте ги оние „патриотски револуционери“ кои се пенават по цели денови, та ќе го враќале името, та се лутат кој не бил ставен на пратенички листи, кој колку бил заслужен за не знам што… Сето врескање и урлање стигнува до мојот стомак кој е тазе опериран. Тешко за варење, пријателе! И гасови да видиш, пррр, пррр, пррр…
Погледајте го оној што се намерачил да биде премиер, ене го, ретерира, вели, „Ние никогаш не сме рекле дека нема да ги ставиме Бугарите во Уставот“. Што е следно, да напише автобиографска книга за неговиот однос со домашните Бугари? На ист принцип и кога Гога-Сорос им се додворуваше на Албанците: „знаете“, беседи нашата Гога, „јас имав дечко Албанец. Многу ги почитувам Албанците“. Што да речат на ова обичните граѓани кои ги слушаат и читаат овие зборови, а ете, не се „јавни персони драматис“? А од друга страна, погледајте го „третиот ешалон“ на ВМРО-ДПМНЕ; сите забодени на невидливи Управни одбори во кои се дигаат рачиња, ништо не се работи, а се земаат месечни паушали. Јебе им се за име, презиме и „светиот“ идентитет, сè додека фино капе кешарица која е лесна, не треба ништо да се работи и редовно да стигнува на картица. Изгоре брате мили и име, и идентитет и „пресвета“ македонштина за пусти и невидливи паушали. Јаки револуционери, страшни комити, батице!
Леле мори мајко мила, што ќе прави оваа кутра и сиромашна земја со толку „заслужни граѓани“ – кој се тоа ќе го храни, пои и облекува следните педесетина години?!
Сета среќа што Мицкоски нема никаква врска со револуцијата, како што немаат врска ниту неговите „заслужни граѓани“ и симпатизери. На готово дојдоа, на готово се мастат со државни пари. Со наши пари, нормално!
За волја на вистината, нешто навистина се случува во последно време со тој (не)симпатичен и живописен човек. Современ македонски комита: сетете се дека никаде го немаше додека беше Груевски, веројатно не му беше дадена општествена моќ: сите нешто аванзираа, а тој ништо. Изгледа после Груевски Мицкоски го доби својот дел: „сакам и јас нешто, не може да ме измамите“! Малку е тоа за револуција, пријателе, ама ете, се сожалил главниот, па му дал и нему.
Се разбира, желбата на Мицкоски не запира: сака да се искачи на кровот од Владата, за волја на вистината – сосема легитимна цел на секој еден граѓанин кој бира, а притоа има право да биде биран. Секој човек има активно и пасивно бирачко право, па ти види, братко мил што со тоа ќе правиш!
Од друга страна, ме фасцинира неговиот изборен порив да се такмичи во првата изборна единица, и тука повторно влегуваме во синтагмата од „деца на револуцијата“.
Мицкоски е монархиста, тоа ќе ги примети секој еден што има „две чисти“ од политика. Нивната партија е Републиканска, пишувавме на овие страници што за нив претставува нивната гласачка менаxерија – ништо, освен тесто за месење! Од друга страна, ова може да се разбере и како метафора, ама не мора и да значи: зборувам овде за еден модел на мислење. Од ретерирањето за Бугарите, негирањето за сè што правеа изминативе години во опозиција, сега ни се претставува како лидер што ќе ги инсталирал останатите „државотворни“ мангупи во Собранието. Тој ќе бил носител, главниот брод што ќе повлече сè до 61 пратеник.
На неговите теливизии Мицкоски ќе биде претставен како багер што ќе повлече сè.
Aко господинот и граѓанинот Мицкоски е имагинација за Европска Северна Македонија, тогаш, еве, јас на ова место можам да му го „наденам“ името – „Македонскиот Леб Валенса“. Тој неук електричар од бродоградилиштето во Гдањск беше вистинскиот симбол на антикомунистичкиот отпор, а таквиот отпор заслужено го устоличи на должноста претседател на Полска; на тоа место, пак, не се прослави нешто особено многу (оти феноменалните револуционери знаат да бидат лоши државници, тоа не им е фах!), и со тек на време толку многу ја растури својата револуционерна харизма, така што денес претставува исклучително неомилена, помалку патетична фигура. A можеше да биде и остане легенда!
Затоа се сомневам дека Мицкоски може да биде премиер од проста причина: никогаш позади себе немал револуционерно минато, како што денес нема „духовна“ сличност со Груевски. Мицкоски е обичен и демагошки лицемер како што впрочем е и секој „македонски домаќин“: пред тебе ќе зборува сè најубаво, а кога ќе заминеш, ќе почне да те боде со оговарање и бербатење на твојата личност.
Впрочем, имавме досега тројца такви неранимајковци: едниот е фикус, вечно спие; другиот спие на едно око, во јавноста ни е претставен за сараевско дете и вечен шармер, а третиот јаде топол гулаш три пати на ден во Будимпешта!
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0 / Извор: Frontline