Сезонскиот грип е болест предизвикана од група вируси познати како инфлуенца.
Болеста може да се појави во секој период од годината, но во таканаречената „сезона на грип“ е најизразена и во повеќето земји предизвикува вид епидемија.
Кај нас, сезоната на грип почнува околу октомври и трае додека времето е постудено, некогаш и до мај.
Генерално, пикот на болеста е помеѓу декември и февруари, но ова може да варира.
Не е позната точната причина зошто малите епидемии на грип се јавуваат во одреден период од годината, но постојат неколку претпоставки :
– Во студените месеци минуваме повеќе време на затворено, поради што почесто сме во близок контакт со други луѓе. Со ова, вирусот се шири полесно.
– Намалено е ултравиолетовото зрачење, поради што вирусот „живее“ подолго.
– Ниските температури го сушат воздухот, а поради ова слузта во носот која нè штити од инфекции се суши и е помалку ефикасна.
– На ниски температури, вирусите можат да опстанат подолго на површини како брави, маси и слично, па полесно е да се заразиме.
Ова се само дел од претпоставките и причината за малите епидемии е веројатно збир од неколку фактори.
Како се пренесува?
Грипот се пренесува лесно преку кашлање и кивање бидејќи тогаш исфрламе капки, односно аеросоли, кои го содржат вирусот.
Поради ова, важно е кога кивате и кашлате секогаш да ги покривате устата и носот бидејќи дури и да немате симптоми, можно е да го имате вирусот.
Грипот може да се пренесе и ако допрете површина на која се наоѓа вирусот. Затоа, важно е редовно да ги миете рацете, особено ако сте биле надвор.
Кoи се симптомите на сезонски грип?
Симптомите на грип најчесто почнуваат да се јавуваат околу два дена по заразата со вирусот.
Дел од најчестите се:
- Треска
- Кашлица (најчесто сува)
- Главоболка
- Болка во мускулите и зглобовите
- Болно грло
- Течење на носот
Како да го намалите ризикот од зараза?
Наједноставниот начин да се заштитите од грип е вакцинацијата.
Според Светската здравствена организација, вакцините за грип се безбедни, ефикасни и се користат над 60 години.
Имунитетот стекнат со вакцинација со текот на времето се губи, па токму затоа и кај нас секоја година има апел за вакцинирање против грип.
Особено е препорачливо да се вакцинирате доколку спаѓате во ризична група.
Ако имате какви било прашања за вакцинацијата, разговарајте со вашиот лекар.
Другите начини за намалување на ризикот од зараза и пренесување на вирусот вклучуваат:
- Редовно мијте ги рацете
- Покривајте ги носот и устата кога кашлате или кивате
- Соодветно фрлајте ги марамчињата што ги користите за носот – секогаш ставајте ги во корпа за отпадоци
- Не излегувајте од дома ако чувствувате симптоми
- Избегнувајте контакт со болни лица
- Не ги допирајте очите, носот и устата
- Можете да носите и заштитна маска ако треба да одите на место со многу луѓе кога е сезона на грип