Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопштуваат дека со измените на Законот за стоковите резерви кој денеска го усвои Собранието, се овозможува оризот да се опфати како производ од исклучително значење за населението во Република Северна Македонија и се создаваат услови за негово чување како стоковни резерви во вид на оризова арпа.
-Ваквите измени во законот за стоковите резерви следуваат, на иницијатива од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од Националниот план за производство на храна и Националната Стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2021-2027 година, каде е предвидена мерка „Помош за складирање на производи“. Целта на мерката е стабилизирање на пазарите во услови на пројавени вишоци на пазарот, преку охрабрување на операторите, привремено да ги чуваат своите производи наместо да ги продаваат на пазарот, наведуваат од Министерството.
Од МЗШВ потсетуваат дека уште во 2022 година до Владата доставиле Информација за засеани површини и остварено производство со оризова арпа во 2021 година и анализа на сегашните состојби со оризопроизводството.
-Преку оваа Информација, која Владата ја усвои, предложивме оризот да биде вграден, како значајна култура, во Законот за стокови резерви. Министерството за финасии, пак, беше задолжено да изготви предлог измени во Законот за стоковите резерви, се наведува во соопштението на Министерството.
Од МЗШВ посочуваат дека предложените измени во Законот до Собранието се доставени уште на почетокот на 2023 година и од тогаш, до денес, како што велат, од неразбирливи причини, беа блокирани од страна на претседателот на собраниската комисија за финасирање и буџет.
-Оризот, нашето бело злато, е традиционална житна култура во нашата држава. Нашата поддршка, како министерство кон оризопроизводителите, сме ја докажале на дело. За 300 проценти се зголемени субвенциите за оризопроизводителите, а поддршка обезбедуваме и во набавка на специјализирани комбајни за жнеење на ориз и сушари за ориз. Бележиме добра цена на оризовата арпа, која достигнува и до 40 денари по килограм. Извозот, пак на ориз во 2023 година достигна вредост од над 7 милиони евра девизен прилив. Нашата поддршка кон оризопроизводителите продолжува. Останува нејасно зошто беше потребна оваа блокада на Законот, кога истиот можеше да се донесе многу порано, а оризопроизводителите оваа сезона, со поголем мотив да ги посеаат своите полиња, потенцираат од МЗШВ.