Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА, во пресрет на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица соопшти дека ќе организира марш за видливост на трансродовите лица, што ќе се одржи денеска пред Владата на Република Северна Македонија.
„TрансФормА“ заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи, се наведува во соопштението, се приклучуваат по шести пат, а петти марш кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
– Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското. Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесува трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество, стои во соопштението од „TрансФормА“.
Во соопштението меѓу другото се додава дека ја испраќаат пораката „Маршираме храбро – 5 години видливост“.