Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски се сретнал со делегација на романската полиција, предводена од генералниот инспектор Беноне Мариан Матеи и полициското аташе Мариус Иоргулеску. На средбата била потенцирана успешната соработка на двете полиции, при што биле разгледани можностите за продлабочување на истата, како и отворање нови начини на комуникација, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Од службата на министерството велат дека од страна на генералниот инспектор Матеи било потенцирано успешното справување на македонската полиција со секојдневните предизвици поврзани со миграцијата, посочувајќи дека искуствата стекнати во изминатите години треба да бидат ценети од сите во Европската унија, при што искажа уверување дека овие искуства може да бидат споделени со полициските службеници во Романија. Воедно генералниот инспектор Матеи го поканил директорот на Бирото за јавна безбедност Тасевски, да оствари посета на Романија со цел утврдување на темите од заеднички интерес.
Директорот Тасевски изразил подготвеност за споделување на искуствата кои граничната полиција ги има стекнато, соработката меѓу македонската и романската полиција да се одржува на високо ниво и констатираше дека новите форми на криминал бараат континуирана соработка заснована на меѓусебна доверба.