Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Анжелика Апсис, историчар на уметност и член на Совет на Град Скопје, за Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028, во изјава за Фронтлајн вели „Скопје е пред најголемиот и најубавиот предизвик!“
„Живееме во општество кое не е расположено за култура. И тоа мора да се промени. Скопје е град со сериозна историја со молскавични промени! Град на противречности. Во него се удираат модерното и историското. Но, исто така, град со исклучително вредно културно-историско наследство. За жал, многу од нашето наследство е во лоша кондиција. Ние имаме 4 години да го поправиме сето тоа. Мора да погледнеме преку рамото – сосема назад. Ништо не смее да биде заборавено, прескокнато. Ова е исклучителна можност да направиме нов преглед. Да го покажеме сето тоа во најдобро светло.
Ние сме сопственици на исклучителна колекција на подарени уметнички дела на светски познати уметници. Ние сме светскиот симбол на солидарноста. Истиот тој свет повторно ќе го впери вниманието кон Скопје. Затоа мора точно да ја раскажеме приказната. Скопје е пред најголемиот и најубавиот предизвик. Европска престолнина на културата. Тоа значи дека секој граѓанин е активен учесник во овој толку важен настан за сите нас. Имаме 4 години да го поправиме и нашето поведение. Да го поправиме нашиот однос кон нашиот град. Затоа што, кога ја добиваш оваа титула сѐ се брои. Напред граду!“, истакна Анжелика Апсис.
Текстот е дел од 13 изјави на уметници и културни работници собрани во „ризницата“ на темата со наслов: За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола.
Т. Иванова
Поврзано:
За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола