Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Дали молчешкум гледаме во цунамито на нацизмот, пардон, национализмот?
Медиумите како да се одушевени од тоа што новите полицајци на промоцијата „громогласно“ ја запеаја „Бисер балкански“ и никој не ги поставува овие прашања:
1. Зарем навистина „во чест на Тошковски“ ја пееја таа песна? Кој ги поттикнал? Дали ВМРО на голема врата се врати во МВРО?
Еве го одговорот за кој треба еден или два телефонски разговора за да ги потврдите информациите од два извора. Според извори на Рацин.мк во МВР, за овој чин биле „врбувани“ десетина питомци од новата генерација полицајци на кои им сугерирале да ја запеат песната кога на црвениот тепих ќе се појави министерот Тошковски. И тие така постапија. Песната по инерција, веројатно ја прифатиле и уште еден дел од новопромовираните полицајци, но нема сомневање дека станува збор за претходно договрено сценарио. Само наивен може да верува дека сето тоа било спонтано.
2. Дали сите 508 нови полицајци се Македонци?
Не, меѓу нив има сериозна бројка припадници на другите етнички заедници – Албанци, Роми, Турци, Власи и други. На таа избалансираност се внимаваше во последните седум години, особено.
3. Има ли меѓу нив Албанци, Турци, Роми? Како се чувствуваа тие кога се пееше „сплоти ти егејски со бистри води вардарски“?
Само можете да замислите како се чувствувале на тој „спонтанитет“. Само чудо, или Господ, кој како сака, спречи поголем инцидент.
4. Зарем тоа не им дава за право и Албанците, и другите, да ги запеат своите песни и каде тоа ќе нѐ одведе?
Тоа може многу лесно да се претпостави. Секој национализам го предизвикува другиот, а потоа каде ќе заврши сето тоа – знаеме. И денес некои посакуваат да се повторат сликите од 2001 година или од некои други години кога се соочувавме и се справувавме со такви ситуации.
Сега ВМРО-ДПМНЕ повторно ги провоцира.
5. Се сеќаваме ли како реагиравме кога грчките војници во Солун маршираа и ги пееја нивните националистички песни?
Секако дека се сеќаваме и ги осудувавме. Сега треба само да се соочиме со последиците кога во Грција ќе реагираат на стиховите „сплоти ти егејски со бистри води вардарски“.
Се промовира ли Тошковски во војвода од 21 век што ќе го ослободува Солун? Нека оди да ја пее таа песна тој лично во Солун, а не да поттикнува тука млади момчиња.
6. Дали молчешкум гледаме во цунамито на нацизмот?
Според поголем дел од медиумите, кои како најважна вест го издвоија токму тој дел од настанот во МВР, изгледа дека со молчење, сега засега го гледаме цунамито на нацизмот, пардон, национализмот. Овие прашања заслужуваат одговори за кои треба сериозно да се размисли и да се рационализираат.
Да не биде предоцна утре.
П.С. За волја на вистината, како што дознава Рацин.мк, тој обичај, да се запее песна кога завршува обуката на новите полицајци, се практикувала и досега.
НО, тоа се случувало само откако ќе завршела официјалната церемонија и вон очите на јавноста, кога дел од новите полицајци го спуштале знамето на нивната генерација и тој чин бил придружен со по некоја патриотска песна.
Но, уште едно НО, овој пат, тој обичај го злоупотребиле инсталациите на ВМРО во МВР за да го направат овој опасен скандал и преседан кој треба да се осуди и никогаш да не се повтори.