Желбата за враќање на некое изгубено време, истражувањето низ остатоците од колективнитеи личните сеќавања, врежаните слики кои оживуваат во фантазијата со тажен крик дека нештата коишто биле добри, завршиле, се нарекува носталгија, иако неретко не е само тоа. Тоа е често копнеж или вресок по нешто што во меѓувреме се уништило, изумрело, без идеја да се сочува како трајна вредност, или без цел да се претвори во подобро, поинакво, ама со ист квалитет.
Во последно време, во овој контекст, се зборува и за брутализмот како еден навистина фасцинантен период во архитектурата, а кој е толку присутен во Скопје (и во светот, се разбира), што денес навистина боли неговото отсуство.
Никола Наумоски од Културниот центар „Бруталиск“, во изјава за Фронтлајн вели дека брутализмот е повеќе од само еден архитектонски правец. Дека неговата популарност во светски рамки се должи на слободата во формите, чистотата на архитектонскиот израз, стаменоста на објектите. „Но, најважно од сѐ, е неговата ‘искреност’, од каде и доаѓа името на овој правец. Односно, отсуството на фасада кај овие објекти значи дека тие не се кријат зад непотребни разубавувања, туку се потпираат на нивната вистинска убавина содржана и во нивната конструкција, односно скелет.“
„Но“, вели Наумоски – за Скопје брутализмот е многу многу повеќе.
Брутализмот за Скопје е она што е класицизмот за Вашингтон или барокот за Виена – неотуѓив дел од историјата на градот
„Тоа е израз кој го одбележува ‘златното време’ во развојот на градот – неговата постземјотресна обнова. Тоа е времето на меѓународната помош, на првите странски туристи во Скопје, на забрзаната индустријализација и културно процветување незапаметено во нашата историја. За тоа Скопје, се напишани многу книги и снимени многу филмови во кои се раскажани сите потресни човечки приказни за еден град кој за момент се срушил и потоа многу брзо со помош на пријателите од светот бил изграден како модерен и напреден град со сосема променет изглед. Тоа е време во кое истовремено Македонија се гради како држава, Скопје како главен град, а нацијата ги гради своите институции и ги сместува во новите бруталистички згради. Со сплетот на околностите, бришаниот простор, меѓународната помош, ентузијазмот на домашните и странските архитекти и тогашните архитектонски трендови, Скопје ја завршува постземјотресната обнова со 100-ина бруталистички објекти во кои ги сместува најзначајните свои установи, оние кои ја дефинираат државноста, а кои со својата архитектура ги пренесуваат вредностите од тоа време (солидарноста, космополитизмот, модерноста, прогресивноста…).
И покрај стиропорот на СК2014 со кој што тенденциозно се уништуваше бруталистичкото наследство, во Скопје сѐ уште има повеќе бетонски спијачи отколку барокни торти
Во филмот ‘ВременаБетон’ авторите велат дека Скопје е град со најмногу бруталистички објекти на километар квадратен во светот и тоа е веројатно точно, дури и ако се стави познатата Бразилија во конкуренција. Но, уште поважно, според мене, е што има во тие згради и што тие претставуваат. Градската и Универзитетската библиотека, Универзитетскиот кампус, Академијата, Зоолошката градина, Националниот музеј, Архивот, Метеоролошката станица, Верски објекти, сѐ се тоа објекти од национално значење кои го изразуваат времето во кое нацијата се градела и создавал градот со неа. Според тоа, брутализмот е дел од нашиот идентитет, од митот за создавањето на нашата држава и растот на нашиот главен град.
Брутализмот за Скопје е она што е класицизмот за Вашингтон или барокот за Виена-неотуѓив дел од историјата на градот. И покрај стиропорот на СК2014 со којшто тенденциозно се уништуваше бруталистичкото наследство, во Скопје сѐ уште има повеќе бетонски спијачи отколку барокни торти. Во нив се сместени поважни институции, а зеленилото околу нив, иако ги затскрива, сепак ги прави поубави од било кога. Брутализмот, за разлика од СК2014, станува поубав и поубав со секој изминат ден“, вели Наумоски.
Изјавата на Никола Наумоски е дел од текстот со наслов: „Игнорирањето на брутализмот во Скопје, боли до срж“.
Т. Иванова
Поврзано: