Претседател на држава се бира во последните 60 дена од мандатот на претседателот, а мандатот на сегашниот претседател Стево Пендаровски истекува на 12 мај, што значи по овој датум се очекува и инаугурација на новиот претседател што ќе се избира на непосредни избори кои ќе се оддржат утре (8 мај).
Според Член 123 од Изборниот законик пред преземањето на должноста, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:
„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”
Еден кандидат може да стане претседател само ако добие мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, а во трка се кандидатката поддржена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател и сегашен кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.
Во првиот круг од гласањето за претседател на државата што се оддржеа на 24 април, од седумте кандидати кои беа во трка, Давкова и Пендаровски освоија најмногу гласови, односно 363,085 гласови за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и 180, 499 гласови за актуелниот претседател и кандидат на СДСМ.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, што значи утре на 8 мај ќе имаме избори за вториот круг на претседателските избори, но истовремено ќе имаме и парламентарни избори.
За претседател се избира кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Според Уставот и член 83, шефот на државата ужива имунитет, а за одземање на имунитетот може да одлучи само Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Назми Абдурахмани / Цивил Медиа