Ерменија ја призна државата Палестина, информира Министерството за надворешни работи на таа држава.
„Катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа и тековниот воен конфликт се едно од примарните прашања на меѓународната политичка агенда што бара решение. Република Ерменија категорично го отфрла таргетирањето цивилна инфраструктура, насилство врз цивилно население и земање заложници и заробени цивили за време на вооружени конфликт и се придружува на барањата на меѓународната заедница за нивно ослободување без предуслови“, соопшти МНР на Ерменија.
„Република Ерменија се приклучи на резолуциите на Генералното собрание на ОН, кои повикуваат на итен прекин на огнот во Газа. Освен тоа, Република Ерменија е искрено заинтересирана за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток, за воспоставување на трајно помирување меѓу еврејскиот и палестинскиот народ. На различни меѓународни платформи, ние секогаш се залагавме за мирно и сеопфатно решавање на палестинското прашање и го поддржуваме принципот „две држави“ на израелско-палестинскиот конфликт. Ние сме убедени дека ова е единствениот начин да се осигураме дека Палестинците и Израелците можат да ги остварат своите легитимни аспирации“.
„Врз основа на горенаведеното и потврдувајќи ја својата посветеност на меѓународното право и принципите на еднаквост, суверенитет и мирен соживот на народите, Република Ерменија ја признава државата Палестина“, соопшти МНР на Ерменија.