Во издание на издавачката куќа Авант прес од Скопје од печат излезе книгата „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ од Александар Прокопиев, која претставува заокружување на 40-годишното творештво на оваа исклучително интересна, прониклива хибридна книжевна форма по која авторот е препознатлив, насловена „антиупатства за лична употреба“, а која содржи кратки прози, поезија и есеи.
– Како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатствата за лична употреба“ на Александар Прокопиев тешко може да се опишат накратко, но затоа е многу лесно „на долго и на широко“ да се препорачуваат како врвен деликатес за секој читател, а особено за онаа сè почеста категорија читатели кои се љубопитни за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите и кои трагаат по дела што ќе ги надминат нивните очекувања. За таквиот љубопитен читател, „Антиупатствата“ на Прокопиев се неизбежно четиво. Ако сепак се зафатиме со обид некако да ја опишеме оваа разнолика, повеќеслојна и комплексна книга, веројатно би требало да тргнеме од фактот дека „Антиупатствата за лична употреба“, всушност се книжевен проект кој излегува од вообичаените рамки на книжевно дело што се објавува во едно издание, истакнува рецензентот на книгата Ацо Пероски.
Рецензентот нагласува дека „Антиупатствата“ се книга која со својот вкус го буди читателот во секој од нас, „книга родена од вечно младешката заљубеност во книгите, книга поради која човек посакува да стане писател затоа што сфаќа дека, за да се биде писател, неопходно е да се биде читател“.
Александар Прокопиев e прозаист и есеист. Роден е во Скопје во 1953 година. Тој е доктор по книжевни науки и предава на постдипломските културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје. Прокопиев важи за основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература и е автор на дваесетина прозни книги. Во 2012 година ја доби престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“ за збирката раскази „Човечулец“. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски, арапски, албански, словенечки, хрватски и други јазици.
Книгата е објавена е со поддршка на Министерството за култура.