Поранешниот примопредава функција на идниот градоначалник. Ни едниот, ни другиот во моментов не е градоначалник. Што примопредаваат, само тие си знаат, коментира координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром, Милутин Ристески, во објава на Фејсбук.
„Едниот е веќе министер, а другиот е само заменик градоначалник. За да стане градоначалник треба да биде изгласан од Советот, а не е. Во моментов е само назначен за заменик во отсуство на градоначалникот.
Заменик градоначалник е друга функција. Ја врши член на Советот, назначен од градоначалникот. Технички заменикот е сѐ уште член на Советот. До моментот додека Советот не го избере за градоначалник, ако го избере. Теоретски мнозинството сѐ уште може да избере друг член на Советот за градоначалник. И не е баш некоја ситуација за примопредавање. Како и да е, честитки и за двајцата и за арно нека е“, вели Ристески.
Претходно, претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во објава на Фејсбук истакна дека официјално ја презел функцијата од досегашниот градоначалник Тимчо Муцунски.
„Денеска официјално ја презедов функцијата заменик-градоначалник на Општина Аеродром што ми претставува голема чест, но секако и огромна одговорност. На средбата со поранешниот градоначалник Тимчо Муцунски разговаравме за тоа што го сработивме досега, како и за успешната соработка изминатите неколку години, додека ја извршував функцијата претседател на Советот на Општина Аеродром. Му посакав успешна работа како Министер за надворешни работи, со желба за искрена соработка и во иднина. Сакам да изразам огромна благодарност до Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за довербата која ми ја даде, но и до сите граѓани за искрената поддршката, а јас можам да ветам дека со голема посветеност и упорна работа заедно со вработените во општината ќе продолжиме со реализација на уште голем број значајни проекти за уште подобар и поубав Аеродром“, наведува во објавата Митески.
Досегашниот градоначланик на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски е новиот министер за надворешни работи во владата предводена од Христијан Мицкоски.
Ј. Ѓ.
Поврзано: