Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва, во рамки на првиот ден од амандманската расправа за предложениот ребаланс на буџетот, не го усвои првиот амандман предложен од СДСМ, со кој опозициските пратеници бараат да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците, „согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори“.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против и во расправата истакнаа дека е „иронично, лицемерно и популистички“ СДСМ да се прикажува како спасител на правата на работниците кога ги довел до оваа состојба. Сметат дека ако биле искрени и навистина се грижеле за работниците, на тоа требало да мислат кога го креирале буџетот за 2024 година и да ги планираат парите за покачување.