РИБАРО
– Со сиот ум бараат работнициве повисоки плати, човече. Малку им била платата, велат трошоците за живот секој месец скокале по 10 евра. Сме имале најмали плати во регионот, по загрев сме биле дури и од Босна. Чудно ми чудо. Како да мене тоа некако треба да ме тангира? Нели им ветивме дека ќе бидат ГОРДИ. Па нека бидат горди сега, ете сме ние на власт, јас сум премиер, свитава околу мене се министри. Од каде имам сега јас време да се занимавам со нивните проблеми. Немале пари?! Види бога ти бараат минимална плата да било 450 евра?! Не знам што се замислуваат они дека се – Бил Гејтс, Сорос, Бомболовци…
Како што дознава АХА, ова го рекол премиерот на Нашата земја Христијан Мицкоски во разговор со советник од владата.
„Ние им ветивме дека нема да има Северна, дека ќе одат со крената глава низ светот, дека нема да се понижуваме пред ЕУ, дека нема Бугари во Устав.
Што сакаат бе повеќе од тоа? Да не треба белава палата да ја продадеме? Да не мислат дека ќе ги донирам часовнициве мои од 50 илјади евра? Бог да чува се човече. Каков народ значи незадоволен од ништо“, рекол Мицкоски.
– Шефе синдикалната кошничка за преживување е 1.000 евра и скока секој месец, а платата на работниците им е една третина од тоа, во право се луѓето. Башка да бидеме искрени, ни името не го сменивме. Северна си сме ништо не е поинаку од претходно. А и вие заклетва со Северна си дадовте во Парламентот.
– А бе оди таму не ми се прави многу паметен. Од каде да им најдам? Газда Орбан даде помалку од што вети, а тие пари мора да ги дадеме на богаташите наши олигарси што нè донесоа на власт, а другото да оди за неспособнине градоначалници што направија куп долгови.
Работниците си се учени на малку, да не ги разгалуваме сега, вратил премиерот Мицкоски.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK