Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова денеска продолжува програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.
Во рамки на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, промоција на преведеното издание на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2023 година и на Антологијата „Од поети за поети“, чествување на годишнините на петмина македонски поети, како и поетско кафе „Версополис“.
Фестивалот продолжува утре со поетски читања во манастирскиот комплекс „Калишта“, поетски портрет на Бенгт Берг и промоција на изборот поезија, како и претставување на добитникот на наградата „Стојан Христов“ за 2023 година и традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Манифестацијата почна вчера со традиционалното садење дрво на добитникот на „Златен венец“ истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон во Паркот на поезијата. Официјално синоќа ја отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по традиционалното читање на Константиновата Т`га за југ од слепо лице со помош на Брајово писмо, во чест на годинашното мото на фестивалот „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо. Покрај ресорниот министер на свеченото отворање присуствуваше и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова.