– Најавите дека дополнително ќе се одлага носењето некакви мерки за намалување на цените покажува дека владата на Мицкоски нема економски концепт и не се грижи за стандардот на граѓаните. Му е гајле на Мицкоски за граѓаните, реагира на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа истакна дека „цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно, вели Кузеска.
„Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените а платите продолжија да растат. Во Србија на пример поевтинија над 700 производи. Кај нас Владата на Мицкоски доцни и мачка очи со цени на моливи и фломастери која исто така беше задоцнета мерка. Со вакви погрешни, катастрофални економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, наведе Кузеска.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека предлогот од Министерството за економија дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите на дел од прехранбените производи можеби нема да се најде на утрешната владина седница доколку е потребно време за усогласување на засегнатите страни.
– Производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин да им се помогне на граѓаните, но и да биде задоволна и другата страна во однос на намалувањето на цените на прехранбените продукти, рече Мицкоски.
J. Ѓ.