Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе одржи концерт во рамки на 47. „Денови на македонската музика“. Оркестарот ќе го води диригентот од Швајцарија – Томас Херцог.
На програмата се „Девет минијатури за симфониски оркестар“ од Томислав Зографски, Прелудиум бр.2/ CON DELICATEZZA од Панде Шахов, „The apple t(h)ree (to the unmercenaries)“ од Дамјан Темков, а премиерно ќе бидат изведени и делата „Дијада“ бр. 2 од Јана Андреевска и „Disturbance“ од Бојана Петровиќ-Алексова.
Како што соопшти Филхармонијата, диригентот Херцог во периодот од 2014 до 2024 година бил постојан балетски диригент во Театарот Базел. Од 2019 година, често бил гостин-диригент на балетски продукции во „Семперопер“ во Дрезден и Државната опера во Будимпешта.
-Меѓу неговите неодамнешни деби настапи се вбројуваат и концертите со Шпанскиот радио оркестар РТВЕ во Мадрид, Холандскиот национален балет во Амстердам, Нирнбершкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Виртемберг во Хајлброн, Националната опера на Рајна во Стразбур и Мулуз, и Резиденцискиот оркестар во Хаг, посочува Филхармонијата.
Повеќе од 15 години Херцог соработува како редовен гостин-диригент со Филхармонијата на Виртемберг во Ројтлинген, Филхармонијата на Монтевидео и симфониските оркестри во Мишколц, Сегед и Сомбатхељ во Унгарија. Во сезоната 2024/25, Херцог ќе дебитира во Дојче Опер ам Рајн во Дизелдорф, Музичкото театар Аалто во Есен и Операта во Рим, а исто така повторно ќе настапи во Дрезден и Будимпешта во неколку уметнички продукции.
-Роден во Базел, Херцог, кој има унгарски корени, студирал ударни инструменти, композиција и диригирање. Во 1997 година, тој ја освои првата награда на натпреварот за композиција на Камерниот оркестар на Лозана. Како диригент, Херцог развива особен афинитет кон изведба на дела од шпански и француски композитори, современа музика и педагошки културни проекти. Неговиот балетски репертоар опфаќа класични ремек-дела како што се „Жизел“, „Дон Кихот“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и современи танцови композиции. Како реномиран експерт, Херцог редовно добива покани за диригирање со реномирани ансамбли, како што се Радио оркестарот на Унгарија во Будимпешта, Државната филхармонија на Рајнска-Пфалц, Симфонискиот оркестар на Берн и Симфонискиот оркестар на Кипар, се наведува во соопштението.