Роберт Алаѓозовски, публицист и поранешен национален координатор за интеркултурализам, изнесе остри оценки за првите 100 дена влада на Мицкоски.
„Владата го почна мандатот трампаво, помпезно и исклучително опасно. Тектонски ја измести надворешната политика, единственото поглавје каде што во евроинтеграцискиот извештај имавме чиста десетка“, изјави Алаѓозовски за ЦивилМедиа.
Според него, владата ги наруши односите со соседите, а „се врза со автократскиот ѓаол на Европа, Орбан“ кој, пак, е продолжена рака на руските и кинеските интереси во регионот.
„Вазалски се врза со автократскиот ѓавол на Европа, Орбан, кој е маша на руско-кинеските интереси, и наместо коридорот 8 се насочи кон коридорот 10. Ги наруши односите со Грција и Бугарија и ја пропушти шансата да ги почне преговорите, продавајќи магла дека може да ја смени утврдената преговарачка рамка, која неуко ја нарекуваат бугарски диктат“, оценува Алаѓозовски во изјавата за ЦивилМедиа.
Што се однесува до внатрешната политика, Алаѓозозвски посебно се осврна на проблематичниот однос на владата на Мицкоски во контекст на меѓуетничките односи.
„Внатрешно, ги стави ад акта политиките на интеркултурен дијалог, општествена кохезија и остварување на правата на другите ранливи и малцински групи и почна да го разјадува трпеливо градениот меѓуетнички соживот“, вели Алаѓозовски за ЦивилМедиа.
Тој го оцени и преструктуирањето на владата како постапка без јасна визија, а се осврна и на паушалноста во изјавите на Мицкоски за корупцијата и за заговорите за дестабилизација на државата.
„Структурно, ги преименуваа, механички ги одделија или припоија половина од мнинистерствата, без јасна визија и јавна дебата. Премиерот изгради тенденција да дава паушални и непоткрепени изјави за големи афери на корупција и криминал, и најжално, за заговорничка дестабилизација на државата“, истакна Алаѓозовски во својата изјава за ЦивилМедиа по повод 100 дена влада на Мицкоски.
Џ. Д. / Цивил Медиа