Пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Преземањето на премиерскиот „престол“, Христијан Мицкоски го должи и на своите „сојузници“, коалициските партнери ЗНАМ и ВЛЕН. Но, го должи и на ДУИ кои одлучија „цврсто“ да останат на европскиот пат, влегувајќи предизборно во коалиција со Мендух Тачи од ДПА, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија и Скендер Реџепи-Зејди од партијата Народно движење, оставајќи ги СДСМ да формираат сопствена „Коалиција за европска иднина“.
Сепак, кон коалицијата „Твоја Македонија“ и билдањето на патриотизмот(поточно национализмот како едиствена форма за очувување на македонскиот идентитет „загрозен“ од соседите, Европа и светот и домашните „предавници“ ДУИ и СДСМ) ги приклучи кон каузата и Достоинство на Стојанче Ангелов, Демократски сојуз на Павле Трајанов, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Македонски Концепт на Петар Богојески и бошњачката партија на Сафет Бишевац.
ЗНАМ – движење за (не)одлучните левичари и десничари
ЗНАМ на Максим Димитриевски, од своја страна, новоформирано движење кое навреме предизборно прерасна во партија, водејќи се по логиката дека ние сме за ЕУ и сме проевропски, но „не по цена Бугарите да ни влезат во Уставот“, логично се приклонија кон ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна Димитриевски, сега веќе поранешен социјалдемократ, желен за одмазда кон матичната партија од која се оддели за време на Ковид-19 кризата, а од друга страна, сметајќи го ДУИ за непријател број 1 на државата, до последен момент калкулираше дали да оди сам на избори или да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката сам, па како ЗНАМ, но со прилагодена реторика што одеше во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, можеби не ги исполни амбициозните цели на Димитриевски, но сосема успешно го внесе со Парламентот со 6 пратеници.
ВЛЕН – новата опозициска „надеж“ во албанскиот блок
Коалицијата ВЛЕН, составена од Движење Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Демократско Движење, на парламентарните избори освои 14 пратенички места и одлучи да влезе во Коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на новата влада. ВМРО-ДПМНЕ ги „награди“ со 6 министерски места и претседател на Собранието, Африм Гаши.
Во изборната кампања ВЛЕН им понуди на граѓаните визија за Северна Македонија интегрирана во регионот и Европа, производител на безбедност, правна држава и консензуална демократија. Или: ставот на ВЛЕН беше дека Северна Македонија нема друга алтернатива за европскиот пат и дека измените во Уставот мора да се направат.
100 дена коалицирање
Откако се поделија министерските фотелји, полека почна да се гледа колку „ВРЕДИ“ им вреди на ВМРО-ДПМНЕ.
Успехот ДУИ да се истисне од составот на Владата, иако им одеше во прилог и на ВЛЕН и на ЗНАМ, сепак, не беше доволен да ги прикрие вистинските лица на коалициските партии.
ЗНАМ се закани со излегување од Влада поради истакнување на албанското знаме во кабинетите на министрите на ВЛЕН. За Димитриевски тоа е ДУИ-наратив против кој се борел на изборите и побара „да се надмине елементарното непочитување на македонскиот народ и држава“ и дека ќе излезе од Владата доколку не се смени оваа практика. Од ВЛЕН и Европски фронт му порачаа да излезе од предизборната кампања.
Ниту знамињата се тргнаа, ниту Димитриевски излезе од Владата.
ВЛЕН и ЗНАМ се фатија во клинч и за балансерот што не вроди со плод, ниту пак нешто смени во однос на ВМРО-ДПМНЕ и неговите планови како за блансерот, така, очигледно, и за Законот за бранители. ВЛЕН најави дека ќе излезе од владата ако се изгласа законот. Мицкоски им посака среќа, тие возвратија со иста мера. А потоа почнаа со помирливи изјави.
Во меѓувреме, ДУИ ги поддржа измените во Законот за локална самоуправа, со кој се предвидува градоначалниците кои станаа министри да не бидат заменети со локални избори со нови градоначалници, туку така улога да ја преземат нивните заменици. Изговорот е да не се трошат парите на граѓаните, иако според експертите на тој начин се манипулира со нив и им се одзема правото тие да одлучуваат за локалната власт. Истовремено се крши и Уставот.
Коалициска поддршка за одлуката на ЕУ за одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ
„Не постои поголемо потценување на јавноста од тоа да се обвини новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за одлуката на ЕУ за одвојување на Албанија. Да ги почневме Уставните измени дента кога беше конституиран новиот пратенички состав, истите немаше да бидат завршени до ноември, бидејќи постапката трае шест месеци“, се оправдаа од ВЛЕН.
Со тоа ги оправдаа и ВМРО-ДПМНЕ за нивното стратешко саботирање на започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, со водење надворешна политика за задоволување на внатрешните пориви на гласачкото тело и сопствените амбиции за моќ и долгогодишно владеење врзувајќи се со Орбан и Кина.
Се разбира, повторно „криви се СДСМ и ДУИ“, не само затоа што некој мора да биде крив, туку и ветувањата дадени предизборно да имаат покритие: Коалицијата ВЛЕН „нема да застане додека земјата не го заземе своето заслужено место во Европската Унија. Ќе продолжиме да се бориме за европската иднина на земјата, оставајќи ги зад себе манипулациите и корупцијата од минатото. Европа не чека – и ние сме подготвени да ја реализираме оваа визија“.
За и против Албанската академија на науките и уметностите
ВЛЕН најавија и формирање посебна Академија на науките и уметностите на Албанците, што предизвика бурни рекации и кај коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Овој потег ЗНАМ го оценија како популизам и дека постои едно МАНУ кое треба да ги собере сите, со порака ВЛЕН да се ориентира кон економија и развој и сузбивање на корупцијата и криминалот, индиректно посочувајќи да тргнат од сопствените редови: За тоа е потребна и понуда на „кадри со чисто минато без криминал и опашки“.
ВМРО-ДПМНЕ двосмислено се изјасни по прашањето наведувајќи дека ги „радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката“. Па така, меѓу другото рекоа и дека „тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ кои бараа места само во тендерски зделки и притоа станаа зелена партија“.
Но, како што изјави Мицкоски, „ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината“.
Собраниска пракса: Интерпелација
Стоте дена на новата Влада не беа лишени од нешто што стана релативно честа пракса во Собранието – барање за интерпелација. Последната интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ како опозиција беше поднесена за тогашниот спикер Талат Џафери и тоа за: нестручно и несовесно работење и претседавање со собранието, еклатантно кршење на одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. Претходно се бараше интерпелација за пратеници на СДСМ, за доверба на Владата, се највуваа интерпелации и за повеќе министри од тогашната владејачка партија СДСМ.
Интерпелациите не беше изгласани ни тогаш, како што не беше поддржана ниту онаа за Гаши на 3 септември, по низа основи што дел од јавноста ги оцени како националистички и антизападни, но и за скандали наведени од подносителот на барањето, Левица.
Африм Гаши ја преживеа интерпелацијата со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден воздржан. Против интерпелацијата гласаа пратениците од парламентарното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Вреди и Движење ЗНАМ – за наша Македонија. Поддршка дадоа иницијаторите Левица и СДСМ.
Според Левица барањето за интерпелација се однесуваше за повреда на секуларноста на државата, повреда на дипломатските правила (случајот Вјоса Османи), повреда на употребата на македонскиот јазик во Собранието, присуството на знамињата на НАТО и ЕУ во пленарната сала, непотизам (патувањето на сопругата на Гаши со него во Вашингтон), и повреда на деловнички одредби.
Зошто „ЗА“?
СДСМ, без пратеникот Фатмир Битиќи, гласаше за интерпелацијата од причина што скандалите поврзани со Африм Гаши е показател за два месеци власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а одоговорност нема за никого.
Левица, пак, како иницијатор, беше нормално да гласа „за“, но како што изјавија пред почетокот: Ќе видиме дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ви овозможат неказнивост денеска.
Зошто „ПРОТИВ“?
Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не ја подджа интерпелацијата на претставникот на нивниот коалициски партнер. За нив, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица биле во некој очајнички коалициски производ кој нема врска со реалоност.
„Препоставувам оваа коалиција и политичари од рангот на Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи и Али Ахмети им е подобра, отколку сегашната состојба, но јас не мислам дека е така и затоа нема да поддржиме ваков тип на интерпелација“, изјави Мицкоски.
Албанскиот блок остана обединет. ДУИ не гласаше за интерпелација на Гаши од принципиелни причини иако сметаа дека треба да се извини на Албанците без разлика на нивната политичка провиниенција и да се повлече не само од претседател на Собранието, туку и од политичката сцена.
За ВЛЕН, од чии редови доаѓа Гаши, интерпелацијата беше предизвикување на политички земјотрес и ставање на тест на владиното мнозинство и дека беше анти-НАТО експеримент.
За Гаши, пак, интерпелацијата беше против верската припадност на претседателот на Собранието, а не протви него, како Африм Гаши, и дека не беше политички издржана.
Ситуацијата ја анализира и Џабир Дерала, ЦИВИЛ, во својата колумна „СДСМ свртување во десно: Политички сојузништва што водат кон пропаст“. Во текстот, авторот се осврнува на суштината на интерпелацијата, односно нејзиното образложение, по што го извлекува заклучокот дека поддршката на Левица во овој случај, за СДСМ значи свртување во десно. Во образложението од Левица, Дерала идентификува јасни националистички и антизападни мотиви. За жал, тоа беше единствениот ваков прилог – во јавноста изостанаа анализи на самата содржина и политичките мотиви што стојат зад постапката за интерпелација на Гаши што ја побара Левица и ја поддржа само СДСМ, со исклучок на Фатмир Битиќи.
Свое мислење имаа и граѓанките и граѓаните кои во коментари или пораки одговараа на ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што мислите за иницијативата на Левица за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши?, што ЦивилМедиа го постави на социјалните мрежи.
Од коментарите можеше да се заклучи дека постои поддршка и оправдување на барањето за интерпелација за собранискиот спикер, повикувајќи се на закон и Устав и сметајќи дека таа нема врска со верата или етничката припадност на Гаши. Но, како коментар за размислување останува и прашањето од еден читател: „нека се подразмислат сите пратеници зошто и како се случи интерпелација само стотина дена од новата власт, која се однесува како уште да е во опозиција“.
100 ДЕНА ВЛАДА: Многу ветувања, а колку исполнувања?
100 дена поминаа. Граѓанките и граѓаните чекаат Македонија да биде „нивна“, а што тоа значи зависно од етничката припадност е посебно прашање. Во секој случај, ВМРО-ДПМНЕ ја третираат како своја. А можеби, повеќе или помалку ја даваат на „заем“ на Истокот, со оглед дека Западот не им одговара на нивните стратешки определби во одбрана на македонското за Македонија.
Извор: ЦивилМедиа