Од ДУИ вчера не ја коментираа информацијата дека Мендух Тачи го напушта Европскиот фронт, додека од ДПА за МИА изјавија дека наредните денови ќе има официјално соопштение. Во меѓувреме, дел од медиумите информираа дека имаат потврда од ДПА дека Тачи ја напуштил коалицијата Европски фронт. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера не сакаше да ги коментира случувањата во опозицискиот „Европски фронт“, нагласувајќи дека тоа што за него, како претседател на Влада е важно, е дека „има стабилна ситуација, една одлична хемија“ и заедничка цел – да направат подобро место за живеење.
Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми во изјава за МИА вчера посочи дека дека нивната пратеничка група е функционална.
– Пратеничката група е функционална и работи во полн состав, одговори кусо Адеми.
И Блерим Беџети од Европскиот фронт денеска на прес-конференција во Собранието даде речиси идентичен одговор.
– Европскиот фронт го има истиот број на пратеници во Собранието. За други прашања или дилеми треба да се обратите до Мендух Тачи или до Али Ахмети, рече Беџети.
На новинарско прашање зошто отсуствал Тачи на настаните организирани од коалицијата, Беџети одговори дека и во други активности се случува да отсуствува некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт.
– И во другите активности отсуствувал некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт. Ве уверувам дека тоа е нормално, секој со своите обврски и протоколарни средби може да отсуствува во некоја од средбите, рече Беџети.
Во изјава за медиумите, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека партиите во Европскиот фронт не се споиле иделошки, туку за да опстанат на политичка сцена.
Меџити рече дека нема информација дека се преговара со Тачи за негово преминување во Влен.
– Јас лично немам такви преговори. Како што и најавив пред некој месец, тие не се споија идеолошки или за повисоки цели, туку како да опстанат на политичката сцена, изјави Меџити во Арачиново.