Руските власти заробија 18 севернокорејски војници кои ги напуштија своите позиции во рускиот Курски регион, изјави денеска за „Кијив Индипендент“ извор од украинската воена разузнавачка служба.
Официјален Кијив минатата недела излезе со тврдење дека Северна Кореја се подготвува на почетокот на ноември да распореди околу 11.000 војници за да и помогне на Русија во војната против Украина, додавајќи дека некои веќе пристигнале.
Осумнаесет од нив ги напуштија своите позиции во руските региони во близина на украинската граница, објави пред една недела украинската телевизија „Суспилне“, повикувајќи се на неименувани разузнавачки претставници.
Пристигнале 40, а 18 ги напуштиле позициите каде останале без храна и инструкции, наведе телевизијата.
Други украински медиуми, повикувајќи се на извори во воено разузнавање, јавија дека околу 40 севернокорејски војници пристигнале во Русија за да разменат знаење со нивните руски колеги.
По обуката, 18 Севернокорејци неколку дена биле оставени без храна и инструкции во шума во Курскиот регион, што довело до тоа на 14 октомври да ја напуштат својата борбена позиција за да пронајдат руска команда.
Украинските медиуми пренесуваат дека два дена подоцна, руските власти ги пронашле и ги привеле исчезнатите војници на приближно 60 километри од нивната првобитна позиција.