Околу две третини од возрасните Германци би ја поддржале кандидатката на демократите Камала Харис на претседателските избори во САД, според истражување на институтот „Ипсос“ објавено денеска, пренесува ДПА.
Само 12 отсто би го поддржале кандидатот на републиканците Доналд Трамп на изборите закажани за 5 ноември, додека исто толку (12%) не изразиле никакви преференции.
Поддршката за Харис е присутна кај мнозинството од сите политички партии во Германија, освен во крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АзГ), каде што 42 проценти од приврзаниците на оваа партија го поддржуваат Трамп, додека 31 отсто се за Харис.
Германските мажи се посклони да го поддржат Трамп, при што 16 проценти од нив изразиле поддршка за него, во споредба со само 8 отсто од жените.
Истражувањето на „Ипсос“ е спроведено преку интернет на 2 и 3 октомври и опфаќа 1000 германски граѓани на возраст од 18 до 75 години.