ТАВ Македонија, објавуви дека по 12 години пауза Скопје ќе се поврзе со авиолинија со Амстердам, благодарение на Трансавиа, втората по големина авиокомпанија во Холандија, дел од групацијата КЛМ.
– Нискобуџетната и втора по големина авиокомпанија во Холандија чија база е аеродромот Шипхол во Амстердам, од 23 декември започна со продажба на билети за летови преку нивната веб-страница, соопштуваат од ТАВ.
Трансавиа, која е нискобуџетна авиокомпанија и која нуди патувања низ Европа по пристапни цени, ќе почне да лета од Амстердам до Скопје на 2 март 2025 година.
Холандската авиокомпанија ќе лета на релација Амстердам-Скопје-Амстердам двапати неделно, во четврток и во недела. Детали за времето на пристигнување и полетување, како и информации за достапноста и резервацијата на авиобилетите може да се најдат на веб-страницата на Трансавиа.
„Оваа прекрасна нова авиолинија меѓу Скопје и Амстердам ќе биде одлично воздушно поврзување со главниот град на Холандија, перфектно за продолжен викенд или за одмор во градот каде што македонските граѓани ќе можат да го доживеат енергичниот град познат по својата уметност, култура, историја, архитектура и живописни пејзажи.“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Оттаму нагласуваат дека оваа нова авиолинија од Меѓународниот Аеродром Скопје, која се воведува по речиси повеќе од 12 години, со која се поврзува Скопје со Амстердам, ќе им понуди на патниците поголеми можности за конекции и удобност, овозможувајќи повеќе опции за патување, поддршка на туризмот и обезбедување беспрекорно патничко искуство и за деловни патувања и за туристички или рекреативни патувања.