Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Не е прашање дали Марк Закерберг ќе ја прекине проверката на фактите. За таа одлука можеби и има некое оправдување, но далеку поголема е опасноста Фејсбук и другите социјални мрежи да ја прекинат, ограничат или на друг начин да ја попречат демократската дискусија и активизмот за човекови права и слободи.
Исто така, останува отворено прашањето колку на овој начин ќе се охрабрат центрите за продукција и распространување на дезинформациите да ја интензивираат својата активност. Опасноста лежи во тоа што социјалните мрежи не се само потенцијални жаришта за ширење дезинформации и омраза, антидемократска и воена пропаганда, туку во тоа што тие се во ситуација активно или пасивно да го потиснат продемократскиот дискурс.
Социјалните мрежи се исклучително важни арени за политичкиот дијалог воопшто, а особено за изворниот (grassroot) активизам и мобилизацијата на демократските движења во земјите погодени од авторитарни режими, конфликти и војни. Овие платформи обезбедуваат простор за маргинализираните групи и угнетените, поборниците за човекови права и продемократските активисти да допрат до широката публика, да им се спротивстават на пропагандните наративи на крајната десница, диктаторите и агресорите. Тоа беше и остана клучен ресурс за организирање на заедниците, групите и поединците да се поврзат меѓусебно и да ги водат процесите за општествени промени на локално, национално и меѓународно ниво.
„Откако Трамп првпат беше избран во 2016 година, медиумите непрекинато пишуваа за тоа како дезинформациите претставуваат закана за демократијата. Се обидовме, во знак на добра волја, да ги адресираме тие загрижености без да станеме арбитри на вистината. Но, фактчекерите се покажаа како премногу политички пристрасни и повеќе придонесоа кон уништување на довербата отколку што ја подобрија, особено во САД,“ изјави Закерберг во видеото кое предизвика глобална реакција.
Некои можеби ќе речат дека изјавите на Закерберг се обид за додворување на новоизбраниот претседател Трамп и неговиот неофицијален шеф, Илон Маск – и можеби не би биле целосно во заблуда. Но, постои уште еден важен фактор што треба да се земе предвид. Со текот на годините, фактчекерските организации прераснаа во посебна елита, користејќи ја својата експертиза и авторитетот што им го даде Закерберг, заедно со мултимилионските грантови од големи донатори, за да диктираат кој може да учествува во процесот на проверка на факти и под кои услови тоа ќе се случува.
Значи, без оглед на тоа дали делумно или целосно ќе ги прифатиме аргументите што ги наведе Закерберг, објавувајќи ги драматичните промени во функционирањето на социјалните мрежи што ги води (Фејсбук, Инстаграм, Тредс), остануваат повеќе неодговорени прашања и сериозни опасности.
Затоа, во продолжение, ќе се обидам да споделам неколку размислувања за тоа што треба да се очекува и на што треба да се обрне внимание во пост-фактчекинг периодот на социјалните мрежи на Закерберг.
Фејсбук има можност да ги прекине, ограничи или на друг начин ги попречи продемократските дискусии. Тоа може да предизвика катастрофални последици за илјадници луѓе низ целиот свет кои се потпираат токму на социјалните мрежи за да постигнат некакви промени во своето општество.
Како може да се случи тоа?
И аматерите знаат дека социјалните мрежи имаат можност да спроведат алгоритамско потиснување. Тоа се постигнува на тој начин што продемократската содржина може да биде деприоритизирана со подесување на алгоритмите, така што одредени објави ќе ги направи помалку видливи за корисниците. Спротивно на тоа, поларизирачките или авторитарните наративи често ги искористуваат токму алгоритмите водени од ангажман на корисниците (лајкови, споделувања, коментари итн.), така што добиваат на видливост, а притоа ги задушуваат конструктивните демократски разговори.
Социјалните мрежи како Фејсбук може да одлучат да направат несразмерни промени во политиката кои влијаат на активистите или бранителите на човековите права. На пример, острите ограничувања на „политичката содржина“ би можеле да го замолчат легитимниот демократски дискурс, а притоа да дозволат дезинформациите не само да опстојат, туку и многукратно да се зголемат. Навистина, Закерберг вели дека „политичката содржина“ незаслужено била потиснувана и најави дека корисниците во иднина ќе може да гледаат или споделуваат повеќе политички содржини.
Сепак, останува прашањето – дали платформите на Закерберг ќе ги третираат барем на ист начин содржините што произлегуваат од пропагандните машинерии на еден Орбан или Вучиќ или активистите за демократија и човекови права ќе бидат, како и до сега, истиснувани на маргините. Со тоа доаѓаме до прашањето за селективна модерација, односно дали модерирањето на содржината ќе стане пристрасно. Со други зборови, прашање е дали преку човечка грешка или системски одлуки ќе дојде до отстранување на објави или сметки кои се залагаат за демократија под превезот на „кршење на стандардите на заедницата“, како што се случило досега безброј пати само во непосредниот круг во кој самиот работам.
Под притисок или од други причини, постои можност Фејсбук да ја ограничи пристапноста на платформата во одредени региони или да ја направи помалку функционална за групите кои се залагаат за демократски промени. Во земјите со авторитарни режими, како Русија, Белорусија, Грузија, Србија, и други, може да се случи Фејбук да попушти на притисокот од властите кои работат на замолчување на граѓанскиот револт.
И на крајот, економските приоритети може да си го направат своето. Бизнис моделот на Фејсбук е ориентиран кон остварување профит. Тоа не треба да се заборави во ниту еден миг. Секогаш ќе доминираат оние содржини за кои плаќаат центрите на моќта, и ја потиснуваат содржината во која се промовираат демократските вредности.
Последиците од ваквиот развој на социјалните мрежи се бројни и далекусежни. Пред сè, ќе придонесе кон дополнително и продлабочено заглупавување на луѓето.
Ерозијата на демократскиот дискурс веќе сега е повеќе од очигледна во голем дел од светот, каде што земјите на Западен Балкан може да послужат како илустрација за неславната улога, како на социјалните мрежи, така и на медиумите и на дел од граѓанското општество. Во овој контекст, веќе подолго време – значи, и пред одлуката на Закерберг да ја прекине соработката со фактчекерите – може да се забележи дека е намалена способноста на јавноста да се занимава со клучните прашања. Сè што може да се забележи е бескрајно надвикување на посебни хорови кои меѓусебно не само што не се слушаат, туку и предизвикуваат омраза и повикуваат на насилство кон неистомислениците.
Додека активистите и организациите на граѓанското општество, како и независните интернет медиуми, кои во голема мера се потпираат на социјалните мрежи како Фејсбук, дополнително ќе ослабат, веќе сега можеме да посведочиме на вртоглаво зајакнување на авторитарните наративи.
Закерберг ветува транспарентност и одговорност, откако моделот „Белешки на заедницата“ (Community Notes) кои ќе ги замени фактчекерите. Но дали ќе се случи тоа, останува да се види. Досегашните искуства, кога со социјалните платформи на Закерберг доминираа фактчекерите, не се за воодушевување.
Мислам дека нема потреба посебно да се докажува дека светот денес го обликуваат токму социјалните мрежи. Улогата на Фејсбук во овој контекст е пресудна или барем една од најважните. Затоа, не е претерано да се каже дека Закерберг е еден од важните чинители во светот, од кој зависи дали светот ќе продолжи да тоне во кошмарот на авторитаризмот и угнетувањето или ќе ѝ се даде шанса на демократијата.
Преземено: Цивил Медиа