Поранешните припадници на ОВК, кои во моментов се во притвор од Специјализираните комори на Косово во Хаг, ќе имаат можност да учествуваат како гласачи на изборите што ќе се одржат во Република Косово во февруари, пренесуваат косовските медиуми.
Централната изборна комисија на Косово, вчера соопшти дека е во контакт со Специјализираните комори за организирање на гласањето за поранешните војници на ОВК.
Портпаролот на ЦИК, Валмир Елези, изјави дека процесот на гласање ќе се организира во согласност со правилата на ЦИК.
„Можам да потврдам дека Централната изборна комисија е во контакт со Специјализираните комори за организирање на гласањето за граѓаните на Косово што се одржа во Хаг. Процесот на гласање ќе се организира согласно правилата на ЦИК“, рече Елези.
„Преземени се сите мерки за приведените да ги остварат своите граѓански права како граѓани на Косово за да гласаат на претстојните парламентарни избори“, изјави за косовските медиуми Мајкл Дојл, портпарол на Специјализираните комори на Косово.
На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори, а на 18 јануари со работа започнува Мисијата на ЕУ за набљудување на изборите, соопштуваат од канцеларијата на мисијата.
Мандатот и целите на Мониторинг мисијата на ЕУ во сабота, во Приштина, на прес-конференција ќе ги презентира шефицата на Мисијата на ЕУ за парламентарните избори на Косово на 9 февруари, Натали Лоазо.
Д. Т. / Цивил Медиа