Заострување на мерките и законските регулативи преку зголемување на контролите и продажба на алкохол и цигари само со приложување лична карта, предвидува новиот предлог-закон на Министерството за здравство на Грција со цел заштита на малолетниците од тутунски и алкохолни производи, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретниот предлог закон беше презентиран на денешната владина седница, а на важноста се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на почетокот од состанокот.
-Нашата цел е да бидеме сигурни дека алкохолните пијалаци ќе се продаваат само по приложување лична карта, како што се прави во странство. Одговорен ќе биде продавачот, без разлика дали тргува или служи во угостителски објект, а казните ќе бидат строги, рече Мицотакис
Како што соопшти владиниот портпарол Павлос Маринакис на денешната владина седница надлежниот министер за здравство и неговиот заменик го презентирале предлог-законот што предвидува воспоставување ефикасен контролен механизам за спречување на пристапот на малолетни лица до алкохол, тутун и сродни производи преку воведување задолжителни проверки на лични карти од страна на продавачот на сите продажни места, како и воспоставување строги административни казни во случај на прекршување на мерката.