Автобус со Палестинци затворени во израелските затвори пристигна денеска напладне во Бетунија, на окупираниот Западен Брег, како дел од четвртиот круг размена на затвореници за израелски заложници врз основа на договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Хамас и Израел.
Претходно, палестински Хамас денеска ослободи тројца израелски заложници. Набргу потоа, Палестинците го напуштија израелскиот воен затвор Офер, што се наоѓа во близина на Бетунија.
Палестинците се дел од групата од 183 затвореници кои Израел денеска ги ослободи во замена за тројцата заложници, ослободени претходно во Газа.
Меѓу ослободените Палестинци има 72 лица осудени на доживотен затвор или долги затворски казни, како и 111 Палестинци уапсени од Израел во Појасот Газа по нападот на Хамас против Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната.
Ова е четврти круг на размена од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, по 15 месеци разорна војна во Газа.
Од почетокот на прекинот на огнот, разменети се 15 заложници – 10 Израелци и пет Тајланѓани и 400 Палестинци од израелските затвори.
Во текот на шесте недели од првата фаза на примирјето, треба да бидат ослободени најмалку 33 заложници, меѓу кои и осум мртви, а Израел треба да ослободи околу 1.900 Палестинци од своите затвори.
Околу 80 заложници се уште се во Газа, а се верува дека една третина од тој број се мртви. Хамас потврди дека осум од 33-те заложници планирани за ослободување во првата фаза од прекинот на огнот се мртви.
Израел и Хамас следната недела треба да започнат со преговори за втората фаза од примирјето, при што треба да бидат ослободени преостанатите заложници, а примирјето да се продолжи на неодредено време. Војната би можела да продолжи на почетокот на март доколку не се постигне договор.